Коцевски: Помош на социјалците за сметките за вода!
Куќи во населбата Тунел за семејствата чии домови беа урнати од земјиното свлечиштето на Рамина. Ќе бидат дел од урбанизирана населба на локација во населбата Тунел. Освен обезбедувањето на покрив над глава за овие семејства, на локацијата каде сега се наоѓаат гаражите на ЈКП Дервен ќе се гради училиште за ученици до четврто одделение и дом за стари лица.
Изградба на прифатилиште за бездомните кучиња, како приоритетно барање на анкетираните 11.600 велешани, во анкетите на СДСМ покрај невработеноста и сиромаштијата.
Во партнерство со Црвен крст на старите и изнемоштени лица ќе им се пружа нега во домашни услови а за сиромашните граѓани ќе се обезбеди финансиска помош за подмирување на сметките за вода. Ова се најприоритетните изборни ветувања од програмата за подобрување на социјалната слика на Велес што денеска им ги даде на граѓаните, кандидатот за градоначалник Аце Коцевски.
„Голем е бројот на семејства кои не можат да ги плаќаат сметките за потрошена вода и струја поради тешката економска и социјална состојба. Со сретства од буџетот за социјални трансфери на сиромашните семејства ќе се ублажи многу тешката состојба со која се соочуваат се поголем број на семејства“ рече Коцевски.
Тој наброја уште десеттина проекти со кои во интерес на заштитата на животната средина ќе се подобри јавниот градски превоз преку воведување на повеќе линии, со современи возила и поголема фрекфенција, но со поефтини билети за студентите, социјално загрозените граѓаните, стечајни работници и прогласени за технолошки вишок.
Потоа ги најави изградбите на дневен центар за лица изложени на семејно насилство и за лица со посебни потреби и за нив изградба на пристапни патеки пред јавните општински институции. Коцевски вети изградба на препумпна станица за вода за граѓаните во високите делови на Велес, како и партерно уредување на дворовите на зградите.
Во името на коалицијата Сојуз на иднината, кандидатот за градоначалник на Велес Аце Коцевски, ги покани велешани на предизборниот митинг кој ќе се одржи вечерва на плоштадот Сармаале со почеток во 20.30 часот.
