Коцевски: Максимално ќе се заложам за намалување на невработеноста и сиромаштијата!
„ Бидејќи зборуваме за дела, тука сме во Индустриската зона Речани, едно од моите најголеми дела, дело со кое сите ние се гордееме. Таа е изградена со 250 илјади евра од наградата на ЕУ за најдобри проекти на општините. ЕУ не е невладина организација, туку унија на демократски и прогресивни држaви во која Република Македонија сака да се зачлени. Од тука сакам да ги најавам проектите со кои јас како градоначалник ќе дадам максимален придонес за разрешување на двата најголеми проблеми на велешани, невработеноста и сиромаштијата“ рече на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник на Сојузот за иднината, Аце Коцевски.
Тој најави дека со неговиот тим и членовите на советот на општината ќе работат на подобрување на локалната бизнис клима за да создадат услови Велес да стане атрактивен за домашните и странските инвеститори, за да ги привлечат да инвестираат во нови производни и други капацитети, со што ќе се отворат многу нови работни места во реалниот сектор.
Коцевски како приоритетни ги посочи проектите за проширување на индустриските зони Речани, Узус и Превалец, изградбата на комуналната инфраструктура и отворањето на нова индустриска зона во Караслари.
„ Слушам вчера и мојот противкандидат се фали со слични проекти. Заборава дека истото тоа го ветија и во 2009-та година, но ништо не направија, ниту еден метар квадратен асфалт не направија во постоечките индустриски зони, а за новата зона во Караслари не мрднаа со прст. Вчера се фалеше дека ќе ги прави улиците во Узус со предвидените 1,5 милиони денари во Буџетот. Сакам да му порачам, дека тоа е крајно несериозно, затоа што за да се направат улиците, само во УЗУС, потребни се 10 пати повеќе средства, 15 милиони денари. Патем речено во последните четири години средствата од Агенцијата за државни патишта за Велес се дупло намалени, од 13 на 6,5 милиони денари,“ рече Коцевски.
Тој освен гасификацијата на Велес, која ќе треба да обезбеди поефтин енергенс и за која ќе биде формирано ЈП Велес гас, најави дека интересот на домашните и странски инвеститори очекува да го привлече со продажбата на локации за 1 евро од м2 како и дека ќе стори се за да ги убеди сопствениците на поранешна Порцеланка и на Топилница да се стават во функција постоечките објекти за индустриски зони за лесна незагадувачка индустрија и да се отворат неколку илјади работни места./Б.Н
