Фејсбук објава дезинформира дека со тестовите се краде ДНК

Објавено на 15 декември, 2021 во 12:10

Тестирањето е всушност земање на брис подлабоко од грло и нос со стапче со памучен врв, трае неколку секунди и е безбедно, како и секое друго земање брис коешто сите ние сме го правеле многупати досега за разни други бактерии и вируси. Примерокот потоа се тестира во лабораторија за да се види дали е присутен генетски материјал, наречен РНК, од вирусот. Нема докази дека овој тест некогаш се користи за да се идентификува ДНК на некое лице

Уште една вирална објава на Фејсбук во која се проблематизираат и оцрнуваат тестовите против коронавирусот е предмет на оваа рецензија. Многупати досега се ширеле разни дезинформации поврзани, како со вакцините, така и со тестовите кои детектираат дали некоја личност е заболена со коронавирусот. Овојпат се тврди дека тестовите ја крадат вашата ДНК. Ова е неточно.

Со тестовите се краде вашата ДНК

За ова тврдење не постојат никакви докази од медицинската заедница.

Тестирањето е, всушност, земање на брис подлабоко од грло и нос со стапче со памучен врв, трае неколку секунди и е безбедно, како и секое друго земање брис коешто сите ние сме го правеле многупати досега за разни други бактерии и вируси.

Примерокот потоа се тестира во лабораторија за да се види дали е присутен генетски материјал, наречен РНК, од вирусот. Нема докази дека овој тест некогаш се користи за да се идентификува ДНК на некое лице.

Д-р Тања Нолан, меѓународно признаен молекуларен биолог и експерт за ПЦР тестирање вели дека тестирањето „не дава такви информации за отпечатоците од ДНК на начинот што е потребен за форензички испитувања“.

ПЦР тестот, кој се применува насекаде во светот за време на пандемијата со ковид-19, е молекуларен тест одобрен од Светската здравствена организација (СЗО). Овој тест е златен стандард за дијагностицирање на ковид-19, откако е одобрен за употреба во февруари 2020 година. Тој е точен и доверлив.

Шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавилах, уште во април лани за МИА изјави дека според упатствата на СЗО, ПЦР тестот е направен да го детектира самиот вирус, односно антигенот.

Со него може да се измери вирусното оптоварување или бројот на вирусите во еден примерок. Тоа значи дека само преку тестирање на вирусното оптоварување преку ПЦР, ние ќе знаеме дали некој е заразен и има активна болест и кога некој е излечен, истакна таа за МИА.

Впрочем, тестови не се прават само во лабараторија, туку брзите тестови за домашна употреба може да ги направи било кој. Се купуваат во аптека, има упатство како да се користи и притоа може да видите дали моментално сте инфицирани. Тестот си го правите сами и примероците остануваат за вас, не се предаваат во лабараторија. Така што и со овие тестови никој не може ништо да ви украде.

А, тестирањето игра клучна улога при справувањето со пандемијата на коронавирусот. Заразени лица кои што навремено ќе се тестираат и самоизолираат не го шират вирусот на други луѓе кои што потоа ќе го шират дополнително. Затоа, уште на самиот почеток на пандемијата  Светската здравствена организација апелираше на масовно тестирање и навремено изолирање на заболените.

Имаме едноставна порака за сите држави – тестирајте, тестирајте, тестирајте, изјави директорот на СЗО, Тедрос Адханом.

А, впречем, ова тврдење, дека се краде ДНК на оние кои се тестираат, е надвор од секое логично размислување. Замислете колку луѓе коишто работат на местата за тестирање и лаборатории низ целиот свет, веќе две години, би требале да биде вклучени во овој наводен таен план за злоупотреба на системот за тестирање – без да никој никогаш да го издаде.

Вакви објави, кои предизвикуваат сомнеж во тестовите кои што го детектираат коронавирост, можат да бидат многу штетни доколку некој поверува во нив и одбива да се тетира дури и доколку има симпотми или бил во контакт со заболен. А, доколку некој е позитивен, а не се тестира и нема потврда дека е заболен, може да го шири вирусот насекаде, да зарази многу луѓе но и да не добие соодветна медицинска помош.

Затоа, не верувајте во вакви потенцијално опасни објави, затоа што може да си направите голема штета на вас или на вашите блиски.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.