Вакцината против ковид-19 не е генетска терапија
Ковид-19 вакцините не се генетска терапија затоа што не се дизајнирани на ниеден начин да ги променат вашите гени. Генската терапија вклучува правење на намерни промени во ДНК на пациентот за да се излекува генетска состојба. мРНК од вакцината не влегува во нуклеусот на клетката и воопшто нема интеракција со ДНК, така што не претставува генетска терапија. Центарот за контрола и превенција на болести на САД официјално потврдува дека вакцината против ковид не влегува во интеракција со нашата ДНК на каков било начин. Исто така, во постот не е наведено дека вакцината за децата нема да биде задолжителна. Родителите се тие кои одлучуваат дали ќе ги вакцинираат децата против ковид -19, или не
Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се тврди дека вакцината против ковид е генетска терапија. Оваа неточна теза е изложена во тврдење дека протоколите за враќање на децата во училишните клупи со следење на наставата со физичко присуство, кои се во фаза на изработка, ќе резултираат фактички со нешто што авторката го нарекува:,,мачење со маски, мерење температура, сеење страв и образовно перење мозоци, препознавање лажни вести за во иднина децата самите да посакаат да им биде вбризгана вакцината која е генетска терапија што убива“.
Во постот зборот вакцина е во наводници, што укажува дека за авторката тоа име е несоодветно на карактеристиките на производот и дека таа ја наведува јавноста да помисли дека вакцината е генетска терапија.
Протоколите, кои се заштитни и имаат цел да го спречат ширењето на коронавирусот, ги содржат мерките како миење раце, одржување растојание и носење маска, нешто што и досега во светски рамки поткрепени и од Светската здравствена организација, беше пракса.
Дали навистина вакцината е генетска терапија?
Краткиот одговор е не. Ковид-19 вакцините не се генетска терапија затоа што не се дизајнирани на ниеден начин да ги променат вашите гени.
Американската национална библиотека за медицина терминот генетска терапија го дефинира како техника која може да им дозволи на лекарите да третираат состојба со вметнување на ген во клетките на пациентот, наместо да користат медикамент или операција. На пример, докторите со генска терапија можат да вметнат или да заменат мутиран ген кој не функционира на соодветен начин или да стават нов ген во телото којшто ќе направи нешто за да се бори против болест.
Генот се состои од ДНК и служи како базична физичка и функционална наследна единица. мРНК, пак, е различен од ДНК! РНК значи рибонуклеидна киселина. ДНК е дезоксирибонуклеинска киселина и служи како библиотека за инструкции за производство на протеини. Кога клетката сака да продуцира протеин, ја користи ДНК за да продуцира копија од мРНК. ДНК е во јадрото на клетките. Рибозомите не се. Поради тоа, мРНК од ковид вакцината нема да влезе во јадрото на клетката, туку едноставно ќе оди во рибозомите кои ќе го продуцираат спајк протеинот.
Значи, влезот на мРНК во човековите клетки не го менува ДНК на човековата клетка и доколку овие клетки се множат, тогаш мРНК нема да се инкорпорира во генетските информации на новите клетки.
Понатаму, генската терапија вклучува правење на намерни промени во ДНК на пациентот за да се излекува генетска состојба. мРНК од вакцината не влегува во нуклеусот на клетката и воопшто нема интеракција со ДНК, така што не претставува генетска терапија.
Генетските терапии може да имаат долгорочни ефекти зашто перманентно ја менуваат ДНК на клетката. Контранстно на ова, мРНК клетките се секогаш транзиторни и не се наследени од ќерките клетки, што ги прави идеални за користење во вакцините, што, всушност, се прави.
И Центарот за контрола и превенција на болести на САД, официјално потврдува дека вакцината против ковид не влегува во интеракција со нашата ДНК на каков било начин:
мРНК никогаш не влегува во јадрото на клетката каде се чува генетскиот материјал. Клетката го разградува и се ослободува од мРНК веднаш по завршувањето на користењето на инструкциите.
Во постот, исто така, се вели:
Родителите нема да си ги препознаат децата, ќе влегуваат во конфликт, кавги, омраза т. е. сатанизација на училишните деца. Децата веќе не се ваши, туку слуги на ѓаволските грди ликови! Тука не помага никаква терапија освен превентива НЕ ВО УЧИЛИШТЕ!.
Комплетно е невистинито тврдењето дека на каков било начин со протоколите за следење на настава со физичко присуство или со вакцината се зголемува ризикот од домашни конфликти меѓу родителите и децата. Тоа тврдење е небулозно и непоткрепено со факти, односно нема никаква причинско-последична релација меѓу вакцините и одењето на училиште по протокол, со домашните односи.
Постот што го рецензираме го оценуваме како дезинформација и заради тоа што не е наведено дека вакцината за децата нема да биде задолжителна. Родителите се тие кои одлучуваат дали ќе ги вакцинираат децата против ковид, а тоа може да го сторат од 12 јули без претходно закажување и само со вакцината на „Фајзер“ која е единствената одобрена за деца над 12 години засега.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар