Вакцинираните не добиваат свој број и нема докази дека за неколку години ќе паѓаат како мушички
Не е точно дека на лицата коишто се вакцинирани против ковид-19 им е доделен каков било број и тоа од сопствено искуство им е познато на сите кои се вакцинираа во Северна Македонија. Граѓаните кои решаваат да се вакцинираат, потпишуваат изјава со писмена согласност и не добиваат број. На нивниот вакцинален сертификат единствено се впишани бројот на серијата и производителот на вакцината, како и датумот на аплицираната доза. Што се однесува на тврдењето на свештеното лице дека за две до три години луѓето кои примиле вакцина ќе починат и ќе паѓаат на улиците, по што свештениците нема да можат да постигнат да ги закопаат, за ова тврдење нема ниту научни докази, ниту пак, е можно да се докаже. Од она што досега се знае, барем за С. Македонија, е дека од сите вакцинирани граѓани, за сомнение дека починале како резултат на вакцината пријавени се две лица во државата. Досега после овие две пријави не е утврдена причинско-последична врска меѓу вакцинацијата и смртта
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се вели дека старец Елпидиј од Православната црква, изнел неколку тврдења меѓу кои и тоа дека „луѓето се претворени во животни и дека со самото вакцинирање им бил доделен број со кој се претворени во добиток“.Тие нѐ претворија во животни, нѐ претворија во стадо. Сега ќе ви дадат број – затоа што тоа е целата поента на нивните постапки, колку и да се трудат да го скријат тоа. Тоа наскоро ќе го потврдат и самите научници. Да, господа, секој што е избоден односно вакциниран има број. Со овој број сега сте претворени во добиток. Најголемиот дел од оние што ја примиле wакцината можеби на почетокот нема да добијат никакви несакани ефекти, но по 2-3 години овие луѓе ќе го проколнуваат денот кога ја направиле оваа страшна грешка. Сите овие „професори“ кои сега емитуваат од телевизиските екрани ќе си ги тријат очите од она што ќе почне да се случува во блиска иднина. Луѓето одејќи или трчајќи ќе паѓаат како мушички. Имаше човек a сега нема човек . A јас веќе зборував за ова и продолжувам да велам: свештениците нема да имаат време да ги погребаат мртвите. Чувајте се, грижете се за луѓето сега ве молам, оние кои страдаат и кои плачат во овој момент, пишува во постот кој го рецензираме.Не е точно дека на лицата коишто се вакцинирани против ковид-19 им е доделен каков било број и тоа од сопствено искуство им е познато на сите кои се вакцинираа во С. Македонија. Ваква слична дезинформација и порано се прошири на социјалните мрежи, но тогаш се тврдеше дека секој добива свој чип со примањето на вакцината. Како што „Вистиномер“ претходно објасни во една рецензија, овој чип, всушност, е бар код за самата вакцина и не се инјектира во пациентот.Сета лавина дезинформации околу овој чип потекна откако американската компанија „Апи Џект“ најави дека ќе полни шприцови со антиковид вакцини, при што секој од шприцовите ќе има можност да има уникатен чип со сериски број, кој е единствен за секоја аплицирана доза. Директорот на Апи Џект појасни дека овој чип, кој е опционален, има намена да осигура дека дозата нема истечен рок и дека вакцината не е фалсификувана.Чипот се однесува само на дозата, нема лични податоци за пациентот. Едноставно, делува како бар код од кој што знаеме кога и каде таа доза била искористена. Исто така, им помага на здравствените работници да знаат дали доволен број луѓе во одредена област се вакцинирани. Оваа технологија е опционална и САД нема уште одлучено дали ќе ја користи, рече директорот на АпиЏект Џеј Волкер.
Меѓутоа, овој чип не се инјектира во пациентот, не се евидентира никаде и не претставува доделен број на вакцинираниот. Во Северна Македонија, граѓаните кои решаваат да се вакцинираат, потпишуваат изјава со писмена согласност и не добиваат број. На нивниот вакцинален сертификат единствено се впишани бројот на серијата и производителот на вакцината, како и датумот на аплицираната доза. Кога пристапуваат онлајн на страницата за преземање на вакциналниот сертификат, самите граѓани генерираат корисничко име и лозинка, го пеземаат потоа сертификатот, а на него има кју ар код, чија единствена цел е да се спречи можност и обиди за фалсификување на вакциналните сертификати.
Што се однесува на тврдењето на свештеното лице дека за две до три години луѓето кои примиле вакцина ќе починат и ќе паѓаат на улиците, по што свештениците нема да можат да постигнат да ги закопаат, за ова тврдење нема ниту научни докази, ниту пак, е можно да се докаже. Едноставно, вакцините се предмет на широка и ригорозна контрола и тестирање, квалификувани се како безбедни, ефективни и ефикасни и нивните одложени ефекти не може да бидат познати. Сепак, од она што досега се знае, барем за Република Северна Македонија, е дека од сите вакцинирани граѓани (864.759 според објавата на страницата Вакцинација.мк) за сомнение дека починале како резултат на вакцината пријавени се две лица во државата. Досега после овие две пријави не е утврдена причинско последична врска меѓу вакцинацијата и смртта.
Освен тоа, пред да бидат одобрени во Северна Македонија од страна на МАЛМЕД, за вакцините се проверуваат сертификатите за безбедност, сертификатите за анализа, се пуштаат мостри во Институтот за јавно здравје, се прегледуваат стручни мислења од други надлежни институции и откако ќе се соберат сите овие документи во Агенцијата за лекови, се доаѓа до одлуката дали вакцината е безбедна и дали може да се пушти во промет. Контролниот процес за влез на вакцинте во државава е строг и ригорозен и дополнително за него прочитајте овде.
„Вистиномер“ и доесга има разобличено дезинформаци во кои се тврдеше дека вакцинираните ќе умрат од тромбови и срцева слабост за неколку години.
За крај на оваа рецензија, ќе потсетиме дека најголемите верски заедници во државава апелираат на имунизација кај своите верници како начин за заштита на сопственото здравје и здравјето на другите луѓе.
Оттука, како невистинити и невтемелени на факти ги оценуваме тврдењата изнесени во постот дека сите вакцинирани добиваат свој број со кој се претворени во добиток, како и тврдењето дека за неколку години луѓето ќе почнат да умираат од вакцините, а свештениците нема да имаат време да постигнат да ги закопаат умрените. Ваквите пораки особено кога доаѓаат од верски лица се опасни по јавното здравје и создаваат страв, двоумење и револт кај граѓаните, односно го поткопуваат процесот на имунизација.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар