Акцијашите ветерани од екс Ју просторите се договорија да почнат да се грижат за автопатот „Братство и единство“ од Триглав до Гевгелија (видео)

Објавено: 28 септември, 2026, во 11:09 часот

Затоа што додека се градеше учествуваа во изградбата на автопатот „Братство и единство“ сега поранешните бригадири и акцијаши сакаат да дадат придонес и во неговата заштита преку грижа за оплеменување и одржување. Овој предлог го изгласаа за заедничка идеја, која што ќе се преточи во проект и ќе се аплицира во Европска Унија, претставниците Здруженија на граѓани чија мисија е негување на добрите практики на бригадирските и акцијашките вредности преку доброволна работа или волонтерство на состанок што се одржа во Рибнице на Пахорје, Република Словенија. Таму и во уште неколку словенечки градови (Љубљана, Птуј, Велење) се одржа одбележување на јубилеј „80 години од младинските работни акции и доброволната работа во Словенија“.   

Конкретно прифатениот предлог за подготовка на проект значи заклучно со месец март, 2027 година, да се соберат сите потребни информации кои што ќе ја дадат сликата на состојбата околу една од најдолгите сообраќајници која денеска поврзува четири држави (Словенија, Хрватска, Србија и Македонија), можностите за озеленување и оплеменување на површини преку подигнување на зелени ѕидови и поставување на таблички кои јасно ќе ги одбележат активностите во кои учествувале сегашните ветерани а поранешни акцијаши. Исто така и сите можни активности кои овие ветерани можат да ги превземат за грижа на околината низ која мине овој автопат долг 1.180 километри, од австриската граница во Ратаче во близина на Крањска Гора преку Љубљана во Словенија, Загреб во Хрватска, Белград во Србија и Скопје како и Гевгелија, во Македонија. Особено ќе бидат значајни деловите од местата каде овој автопат сега не се користи, бидејќи има изградено нови посовремени автопати.

Проектната идеја ќе се напише и со неа ќе се конкурира директно во Европската Унија, вели во разговорот за Дума.мк Борче Георгиевски – претседател на Сојуз на акцијаши ветерани на Македонија.

Тој дополни дека на состанокот беа разгледани повеќе проектни предлози за обезбедување на европски пари за засадување на дрвја на териториите на сите шест држави ( Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија) по катастрофалните пожари што се случуваат секое лето или елементарната непогода со поплавите во областа Корушка, во Словенија. Исто така внимание ќе се посвети и на двете изградени железнички пруги Брчко – Бановиќи и Шамац – Сараево за да не бидат запоставени акцијашите ветерани од Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.