Басаров: Државата да посвети поголемо внимание на потребите за квалитет на живот, положбата во општеството и правата кои треба да ги уживаат лицата со посебни потреби
Овогодинешната тема на одбележувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост гласи „Зајакнување на лидерството на лицата со попреченост за инклузивна и одржлива иднина“ со која што се одразува актуелниот меѓународен политички контекст, особено Пактот за иднината и претстојниот Светски Самит за социјален развој во 2025 година, како и потребата за создавање импулс за постигнување на Агендата 2030. Темата се обидува да ја зајакне централноста на водечката улога на лицата со попреченост во сите овие напори од глобално до локално ниво.
-Сведоци сме, како на глобално така и на локално ниво, дека пред се, се менуваше пристапот кон оваа категорија на граѓани. Ако порано доминираше милосрдниот, па потоа медицинскиот пристап, сега веќе говориме за социјален модел, односно пристап базиран на човекови права кон лицата со попреченост кој се фокусира на еднакви можности, недискриминација и учество во општеството. Постепено се менуваше и терминологијата, иако до денес, се уште постои голема шареноликост во употребата на термини кон оваа заедница како што се навредливите „дефектни лица“, „инвалидни лица“ или „лица со пречки во развојот“. Сепак мора да констатираме дека овие термини се заменуваа со „лица со специјални/посебни потреби“ за да денес кога зборуваме за овие лица најчесто да го употребуваме терминот „лица со попреченост“, рече Весна Басаров, специјален едукатор и рехабилитатор.
Таа исто така е претседател на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост и координатор на Служба за проценка на функционалноста на деца и млади МКФ во Велес .
Според Басаров од некогашното категоризирање на лицата и ставање акцент на нивната оштетеност, неспособност и третирање, денес, веќе се говори за проценување на нивните функционални способности, во контекст на обезбедување на соодветна поддршка, со цел нивно целосно вклучување во општествената заедница на принцип на еднакво учество.
На средбата, која што на 3 Декември беше организирана во Велес, беа истакнати силните и слабите страни во однос на инклузивноста на лицата со попреченост во Општина Велес поточно опфат со рана интервенција, образовен процес и правата како и услугите кои ги користат од социјална, образовна и здравствена заштита. Панелистите Горан Петрушев кој е раководител на Службата за функционална проценка на деца и млади при ЈЗУ Здрaвствен дом Скопје и четирите специјални едукатори и рехабилитатори од Велес, Ефтимија Карбева Лукарова на ОЈУДГ Димче Мирчев, Тања Индова на ООУ Васил Главинов , Сања Стојановска на Дневен центар за лица со разни попречености при Центарот за социјална работа и Весна Басаров, посебен акцент беше ставен на законските регулативи, нормативите за работа на стручните лица во градинките и основните училишта како и на воведување на промени во законот за средно образование со цел за обезбедување на повеќе образовни асистенти.
– Заклучоците преку Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост ќе бидат презентирани пред соодветните инсистуции пред кои ќе се лобира, за промена и надминување на предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост, а се во насока на обезбедување на инклузивно општество во секоја смисла. Позитивен исчекор на кој може да се повикаме е секако донесувањето на „Националната стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030 “ поточно стратешкиот документ кој се потпира на Конвенцијата на правата на лицата со попреченост на Обединетите нации, за која веќе е креиран и Акциски план, според кој ќе се следи реализацијата на активностите во наредниот период до 2030 година, додаде Басаров.
Држава досега има со што да се пофали кога се во прашање лицата со попреченост. Пред се системскиот одговор на нивните потреби, но државата уште многу треба да стори во насока на унапредување на потребите на квалитетот на живот, положбата во општеството и правата кои треба да ги уживаат на еднаква основа со другите, како во локалната заедница така и во општество, во кое не постојат бариери, туку поддршка, разбирање, недискриминација, еднаквост, вклученост и учество.
Убавка Јаневска