Бесплатно се мереше шекер во крвта кај велешани, одбележан 14 Ноември –денот на дијабетес и еден век откриен инсулин
Над четириесет велешани, денеска, измерија количество на шекер во крвта на настан со којшто се одбележа светскиот ден на дијабетесот и 100 години од пронаоѓањето на лекот инсулин. Тоа беа претежно граѓани коишто и припаѓаат на средната генерација или на возрасната популација во градот. Анализите ги направи д-р Весна Николовска Неделкова, специјалист кардиолог.
-Резултатите кај граѓаните од кои некој беа со веќе постоечки дијабет и поставени на терапија беа лесно покачени. Во глобала поголем дел од нив имаа и повисоки вредности на гликемија но со оглед на тоа што времето на мерење беше во пладневните часови, кога сите имаа земено по еден оброк во денот, можеме да ги сметаме дека се во релативно нормални граници. Но имaше и граѓани со покачени вредности над референтните како и неколкумина кои за прв пат имаа резултат којшто говори дека имаат покачен шекер, рече д-р Николовска Неделкова.
За претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, Димче Велев денешните резултати се поразителни.
-Она што не загрижи е просекот од измерените вредности на гликемија, што беше утврден кај граѓаните коишто посакаа да им биде измерено присуството, изнесува 8,4 наспроти границата од 6,5 единици. Тоа значи дека дијабетесот во Велес расте и прогресира. Неопходна е итна едукација и превенција што беа пресудни за одлуката денешниот празник да го одбележиме токму со мерење на гликемија. Дел од сограѓаните коишто денеска измерија гликемија всушност беа здрави луѓе, незнаеја дека имаат дијабетес, додаде Велев.
Кардиологот д-р Николовска Неделкова им укажа на потребата да се јават кај матичен лекар кој потоа ќе ги упати на испитувања и иследувања кај лекарите дијабетолози на Интерно одделение и во Центар за дијабет во ЈЗУ Општа болница Велес.
-Откако во државата, последниве години успеавме да донесеме нова Стратегија и особено нова терапија за лекување на дијабет како и нови помагала потребно е да се обединиме во делот на едукација и превенција на дијабетесот. Мора секој граѓанин, прво дома, лично да внимава на исхраната и секако на физичките активности, додаде Велев.
Велешкото здружение „Шеќерче – Лили поп“,Сојуз на здруженијата на дијабетичари на Македонија и Лајонси клуб Велес – Дистрикт 132 Македонија беа организатори на мерењето на гликемија коешто се одржа , денеска, напладне, на платото пред зградата на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ .
Убавка Јаневска