„Бојкот – Стоп за вискоите цени на храната!“ во Велес (видео)
Остана и дневната количина на леб, којашто вообичаено се троши, на рафтовите во маркетите во централното градско подрачје во Велес. Граѓаните денеска освен по некоја векна леб, пакување на млеко и јогурт не купувале други прехрамбени производи. Наместо вообичаената глетка во петок, поради пазарниот ден во градот, кога долго се чека ред на каса по пазарувањето на велешани и на жителите од населените места во општината продавниците и маркетите беа празни.
Еве каква беше денеска состојбата пред неколку маркети во градот помеѓу 15:00 и 16:00 часот како најфреквентно време за пазарување во коешто граѓаните се враќаат од работа.
Соседи на маркетите, граѓани кои живеат во околните згради, тврдеа дека глетката била иста од утринските до попладневните часови. Тие констатираа дека велешани масовно го поддржале бојкотот по повикот што на социјалните мрежи, деновиве, се ширеше од неформалната фејсбук група „Бојкот – Стоп за вискоите цени на храната!“.
Според дел од граѓаните со кои Дума.мк разговараше тие во целост ја поддржале иницијативата затоашто сметаат дека во град во кој живее население, кое во најголем процент добива минимална плата, не може да прехрани четиричлено семејство како и дека се уморни од трчање за да најдат храна со пониска цена.
Убавка Јаневска