Во Јасеново, поставена спомен плоча на загинати борци на ДАГ!
Откриена е спомен плоча на загинатите борци, учесници во граѓанската војна во Грција, во кругот на болницата за белодробни заболувања во Јасеново.
Таа го симболизира придонесот на стотина борци на ДАГ, Македонци и Грци, во борбата за остварување на вековниот сон на македонскиот народ за самоопределување и човекови права во Грција.
Говорејќи за учеството на Македонците во граѓанската војна во Грција, за пренесувањето на ранетите и нивното лекување во болницата во Јасеново,изградена специјално за нив, за тортурите и прогонувањата од свеченоста порака за меѓунационално помирување испрати историчарот Виолета Ачковска.
„Се надевам дека оваа порака ке стигне до оние кои сеуште веруваат дека негирањето и понижувањето на другиот е патриотизам а не страм за нивната нација“ рече проф. др Ачковска.
Болницата во Јасеново, од 1947 до 1949 година, примила неколку стотини борци од Граѓанската војна во Грција.
Врз нив биле извршени хирушки зафати и биле лекувани а дел од нив починале и биле погребани на гробиштата над болницата.
Министерот за труд и социјала Спиро Ристовски најави дека државата ќе ги изгради и уреди вечните почивалишта на овие борци за самоопределување и човекови права.
„Во соработка со здруженијата на прогонетите Македонци ќе го продолжиме проектот. Ние веќе разговаравме и за поставување на дополнителни спомен обележја во други краеви на Република Македонија како на пример Маркова нога во Преспа. Има бројни активности кои владата ќе ги поддржи“, рече Ристовски.
Во периодот на Граѓанската војна во Грција над 6 илјади борци на ДАГ биле пренесени и лекувани во Македонија поточно во Пониква, Катлановска бања и во Јасеново.
Денешното спомен обележје беше поставено на иницијатива на Здружението за заштита на човековите права на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“и Сојузот на Македонците од Егејот „Македон“. /Б.Н