Градоначалникот Стојановски: Oпштина Чашка штеди, се раздолжува и е посветена на економскиот развој
Општина Чашка за седум месеци од мандатот на Градоначалникот Горан Стојановски врати долговите, стари пет години, во висина од 10 милиони 300 илјади 067 денари,исплати плата на општинската администрација, за месец октомври 2017 година, во износ од 670.000 денари како и две плати за привремено вработените во висина од 2.582.182 денари. Лани од месец јули општината за прв пат, по 5 години, е со деблокирана жиро сметка затоа што успеа да ги исплати и двете рати од кредит на Светска банка во износ од 3.228.946 денари и обврските кон коминтентите во износ од 3милиони 561 илјади и 939 денари.
-Тоа го сторивме со воведување на рестрикција и намалување на непродуктивните трошоци од една и од друга страна со зголемена наплата на сопствените приходи. Така заштедивме 10 милиони 907 илјади и 598 денари. Општината не плати ниту денар за обезбедување со што ги заштеди плаќањата од 268 илјади 804 денари на годишно ниво што било пракса во 2017 година. Скоро три пати го налаливме износот за времени вработувања, па наместо исплата од 12 милиони 116 илјади и 914 денари плативме само 4 милиони 453 илјади 331 денари. Шест пати е помал износот за правни услуги што бил платен во 2017 година или наместо 1 милион 809 илјади 379 денари плативме само 258 илјади 700 денари. За три ипол пати помали се сметките за репрезентација. Тие со наследени фактури изнесуваат 232 илјади 196 денари наместо 732 илјади 218 денари во 2017 година. Ги преполовивме трошоците за гориво. За една година сме потрошиле 434 илјади 473 денари наместо 732 илјади 218 денари во 2017 година додека за медиумско претставување на Општината скоро двеста пати помалку или само 25 илјади денари наместо трошените 450 илјади денари во 2017 година, рече градоначалникот Стојановски.
Тој додаде дека кога стапил на функција Градоначалник наследил само едно исправно возило додека две биле неисправни со украдени акумулатори кои биле вратени по полициска интервенција, дека наследил 60 вработени со договори преку Агенција од кои само 14 биле редовни додека сега времено вработени биле 10 лица наместо затекнатите 44 на платен список, дека адвокат од Велес во 2017 година наплатил месечно за правни услуги по 165 илјади денари или за 3 години вкупно 100.000 евра.
-Нема потреба од обезбедување на Општината, таа е безбедна и нема од кого да се криеме. Преку овие примери сакам да објаснам како се испумпувале народните пари од општинскиот буџет, рече Стојановски.
Сега, според кварталниот извештај на Министерството за финансии, за период јануари – септември 2018 година, Општина Чашка има долг од околу 5.300.000 денари што се прикажува на дневна основа па според проценката на Градоначалникот сепак долгот е намален за уште еден милион денари.
Во делот на транспарентноста и отчетноста на Општина Чашка ,Стојановски направи споредба и во делот на јавните набавки кога соопшти дека во 2018 година реализирале 57 со вкупна вредност од 9 милиони 754 илјади и 556 денари наместо петходната, 2017 година, кога биле спроведени 7 во висина од 4 милиони 602 илјади и 599 денари. Очекувањата се дека општината 2018 година сепак ќе ја заврши цо бројка од реализирани 70 јавни набавки.
-Општината е и ќе биде отворена за граѓаните. Секој четврток за нив е приемен ден. Од октомври годинава седниците на Советот се двојазични бидејќи по констатирањето дека донираната опрема за симултан превод од ЗЕЛС во 2004 година е украдена набавивме нова во висина од 5 илјади евра и ја ставивме во функција за да можат граѓаните од албанска етничка припадност да се обраќаат на мајчин јазик, додаде градоначалникот.
Дваесет и петте згрижени деца во отворениот клон на детската градинка „Бамби“, повторното активирање на клубот „Детелинка“ наменет за лицата со посебни,отворената медиотека за млади и деца во село Извор и реоформеното КУД „Тодор Јанев“ од една и од друга страна инфраструктурните проекти реконструирани железнички станици во Богомила и Чашка како и асфалтираниот патот Теово – Согле во должина од 7 км, отворените канцеларии на Центарот за социјални грижи и на Катастар се проектите на кои општината им посветила особено внимание со помош на министерствата како и на Европската Унија. Додека со средства од општинскиот буџет биле набавени возило за собирање на смет и контејнери и канти за смет, водни пумпи и хлоринатори за водоводите во селата Чашка, Голозинци, Богомила и Извор. Како донација на Агенцијата за одземен имот општината добила едно службено возило.
Во моментов во населба Чашка се гради нова спортска сала со 650 м2 што треба да биде завршена на крајот на годинава, во Извор се гради Клуб за стари лица и се реализира проект за подобрување на водоснабдувањето во Горно Јаболчиште.
Општина Чашка во наредната година ќе гради нов мост во Богомила и ќе го заштитува стариот со намена само за пешаци. Ова село заедно со Оморани ќе добијат фекална канализација. Во план е асвалтирање на првите 10 км од патот Богомила – Стровија што е дамнешна желба за сообраќајно поврзување на Богомилчани со селата во прилепската општина. Станува збор за пат трасиран и доведен до макадам фаза во времето на поранешна Југославија на кој сега со ситни интервенции му е потребено асвалтирање. Општината го порачала првиот Детален урбанистички план за населбата која е административен центар и по најавата на заинтересиран инвеститор од Турција работи на документација за отворање на првата индустриска зона. Во исто време преговара за рестартирање на поранешните погони на фабриката „Киро Ќучук“ за производство на ќерамиди како и за реализација на уште неколку други бизнис идеи/У.Ј