Трет ден горат шумите во Азот, во општина Чашка
Стотици хектари со насади на високо квалитетна шума горат во општина Чашка. Огнот, изминатиов викенд, избувнал на три локации. Првиот шумски пожар се појавил во атарот на селата Габровник и Мокрени, вториот кај Ореше и третиот од страната на селата Богомила, Црешнево и Капиново. Пожарите се запалени во исто време, изминатиот викенд, вели за Дума.мк директорката на Шумско стопанство „Бабуна“, Љубинка Попова.
– Цел викенд шумарските работници заедно со пожарникарите на Територијалната противпожарна единица на Велес се борат со огнот. Успеваат да го локализираат но повторно се појавува. Таму, во Азот, состојбата е страотна и загрижувачка затоа што горат комплекси на висококвалитетно дабово и буково огревно дрво. Пожарот е префрлен и кон Македонски брод и кон Прилеп. Чинам дека е проширен се до границата на државата. Не станува збор за ненамерни пожари туку напротив се сомневам дека причината е човечки фактор, рече Попова.
Повторно побарана е помош и од Дирекцијата за заштитата и спасување за гаснење на огнот од воздух, од авиони, како што тоа го сторија и при гаснењето на пожарот кај велешкото село Караслари
Љубинка Попова, директор на ШС „Бабуна“
Справувањето со пожарите и нивното гаснење целосно ја блокираа работата на велешката подружница на ЈП „Македонски шуми“. Сите шумарски работници се ставени во функција на гаснење на огнот. Тие се пријавени во СВР Велес. Ќе се трага по потпалувачите.
Од ШС „Бабуна “ апелираат да не се палат стрништа и граѓаните да внимаваат како се движат низ шумските предели бидејќи случајно фрлено догорче од цигара и други запаливи матријали предизвикаат голема материјална штета и огромни напори на вработените кои ја штитат шумата со половични резултати.Бараат помош и од граѓаните кои веднаш штом забележат оган истиот да го пријават на добро познатите телефонски броеви, во пожарна на 193 како и во полициската станица во Велес на 192./У.Ј