Зградата во Чашка, каде е сместен клонот „Бамби“ на градинката доби ново централно греење на пелети
Дваесет деца, во комбинирана група, на клонот „Бамби“ на ЈУДГ „Димче Мирчев“ во Чашка престојуваат во потопли и еколошки почисти простории. Во зградата се поставени котел и ново централно греење на пелети што ги топли децата додека нив воспитувачките ги образуваат а негувателските ги негуваат. Инвестицијата чини 8.500 евра и е донација што Општина Чашка ја обезбеди од Амбасадата на Полска.
– Младината и децата се судбна и иднина за државите.Се радувам што ги подобривме условите во градинката. Децата тука ќе бидат радосни. Ним и на вработените сакам да им посакам многу успеси во работата, рече Амбасадорот на Република Полска, Војциех Тицињски.
Градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски, се заблагодари и го потенцираше дополнителен ефект од донацијата.
– Како што е редот, прво да се заблагодарам на амбасадата и Амбасадорот. Се надевам на нови соработки. Оваа инвестиција или донација ќе придонесе заштеда на финансиски средства кои ќе можат да се пренаменуваат и насочуваат за наредни, нови, потреби на децата од овој клон на детската градинка, рече Стојановски.
Во населбата Чашка постојат родители кои сакаат да ги запишат своите деца во градинка. Последни кои дошле и се интересирале вчера биле две млади мајки.
Дваесетте дечиња се почетна група која според зборовите на директорката на ЈУДГ „Димче Мирчев“, Ефтимија Карбева Лукарова има можности да се зголемува.
– Ваквите донации, како денешната, овозможуваат подобрување на условите за престој на децата во градинка. Капацитетот на клонот овде во Чашка дозволува упис во градинка на нови дечиња.Вработените стојат на располагање. Полниот капацитет на овој клон би бил со прифатени педесет дечиња, додаде Карбева Лукарова.
Дечињата денеска со чоколадни бонбони и песнички го пречекаа Амбасадорот Тицињски и неговите соработници кои им поделија подароци составени од повеќе изданија на книги со сказни и бајки, прибори за пишување и боење како и боенка од која ќе можат да се запознаат со убавините на Република Полска.
Освен децата во градинката, бенефит од оваа донација, ќе имаат и сала за состаноци на Советот на Општина Чашка како и канцелариите на Центарот за социјални работи, Катастарот и на Матичната службата, бидејќи сите се наоѓаат во истата зграда која доби нов котел, цефки и радијатори. /У.Ј