Планинар доживеа несреќа на Јакупица, го бара хеликоптер на МВР
Несреќа доживеа млад планинар, денеска, околу 13.30 часот во близина на планинарскиот дом Чешлес на планината Јакупица. Планинарот падна од карпа во провалија, длабока околу 20 метри. Несреќата ја видел случаен минувач исто така планинар рекреативец. Тој поради непристапниот терен, неможел да помогне па затоа телефонски побарал помош од полицијата. Потоа биле алармирани и останатите гости во планинарскиот дом „Чеплес“. Тие започнале акција за спасување. МВР испрати хеликоптер.
– Полициското летало е таму и од 15 часот и 30 минути се реализира акцијата за спасување на несреќниот планинар. Несреќата се случила на многу стрмен и непристапен терен. Пријавена во СВР Велес беше околу 14.40 часот. Одтогаш се превземаат сите можни активности за пронаоѓање и спасување на планинарот кој доживеал несреќа, рече Анита Стојковска, портпарол на СВР Велес.
Според првичните информации на очевидецот на несреќата таа се случила откако тие се сретнале и поразговарале. Несреќниот планинар паднал во бездна длабока околу 20 метри, на околу еден километар пред планинарскиот дом „Чеплес“ во близина на реката Бабуна./Б.Н
