Центар за јавно здравје Велес го контролираше квалитетот на водите, еве каде граѓаните можат да се капат
Вoдите на езеро „Младост“ и на Градски базен исправни се додека на реките Бабуна, Тополка и Вардар не се препорачуваат за капење. Ова го покажаа последните резултати на мострите што ги зема и испитуваше Одделението за хигиена и здравствена екологија на ЈЗУ Центар за јавно здравје.
Јавната здравствена установа, од мај до јули, годинава земала осум мостри на вода од две места на „Младост“ поточно прва плажа и плажа „Романтик“ чии резултати покажале дека квалитетот на водата во акумулацијата одговара на бараните микробиолошки критериуми и покрај заситеноста со кислород како и зголемена матност кои не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето.
Испитувањето на водата во Градски базен се врши еднаш неделно и е безбедна за капење, пишува во извештајот на Центар за јавно здравје Велес.
Земената мостра од водите на река „Бабуна“, во јуни, годинава, на мерно место “Плажа 1“ над Кланица покажала резултат на бактериолошка контаминација од трета класа и зголемена матност во делот на физичко хемиските параметри додека примерокот од вода во долен тек на река Тополка дал резултат дека водата е во петта класа по заматеност и во трета класа по бактериолошка контаминација. Затоа здравствените работници не препорачуваат капење во долниот тек на овие две реки додека поради квалитетот на водите во горните делови капењето е дозволено.
Квалитетот на водата во река Вардар со децении ги покажува истите резултати петта класа матност, четврта класа по бактериолошка контаминација и присуство на амоњак и трета класа по присуство на суспендирани материи. Во Вардар не е дозволено капење и наводнување со вода од реката.
Убавка Јаневска