Црвен Крст – Велес ги додели сертификатите за лични асистенти на лица со посебни потреби

Девет лица од Велес успешно ја завршиле обуката за Личен асистент на лица со посебни потреби. Тие во јануари и февруари, годинава, во просториите на велешкиот Црвен Крст, посетувале обука којашто содржела 200 наставни часови и била реализирана од страна на стручни лица односно лекар, медицинска сестра, специјален едукатор и социјален работник.
-Црвен Крст на РСМ – Општинска организација Велес, денеска, во просториите на Црвен Крст, на деветте жени им ги додели сертификатите за завршената обука. Со добивање на овие сертификати, тие, ќе можат да пружат услуги кај лица со телесна попреченост и кај слепи лица со што ќе бидат од голема помош при извршување на одредени функции како во домот така и на отворено. Исто така, ќе бидат помош и за останатите членови во семејството, пишува во објавата на Црвен Крст – Велес.
Црвен Крст Велес се здружение коешто е верификувано и лиценцирано за извршување на образование на возрасни.
Стефани Манева
