Деца во Велес ги препознаваат своите права и знаат дека имаат и обврски (АУДИО)
Правото на образование, на сопствено мислење како и на изразување беа веднаш препознаени од деветто одделенци на ООУ „Блаже Конески“. Кристијан, Матеј и Марко без двоумење ги потенцираа овие три права на децата како одговор на поставените прашања на Дума.мк. Сериозни во пристапот и внимателно слушајќи ги прашањата тројцата ученици без колебање одговорија и притоа ги потенцираа обврските што исто така произлегуваат од нивните права. Кристијан е внимателен, при одговорот во којшто правото на изразување го поврза со внимателноста на напишан став независно дали е или не е јавно објавен .
– Според мене најбитното право е правото на изразување. Тоа право му дава на детето слободно да се изразува но истовремено да дава, прима и бара информации. Исто така му дава слобода да споделува информации со говор, пишување, цртање и друго се додека не вознемирува и навредува некој друг. Со ова право детето може слободно да дава и прима информации и да настапува на јавни настани, додаде Трајковски.
Тој исто така е свесен дека правата произведуваат и обврски коишто мораат да се остваруваат па затоа смета дека неопходно е почитување на угледот, јавниот ред и моралот. Неговиот соученик Марко Анѓелов се сложува со ставот на Трајковски и во истовреме смета дека секое дете има право на искажување на свое мислење.
– За мене едно од најважните права е правото на сопствено мислење. Секој ученик да може слободно да го искаже своето мислење и да го сподели. Преку ова право учениците земаат учество во училишниот живот и можат слободно да се кандидираат како претседател, правобранители, да земаат учество во разни натпревари и обврски. Но секој ученик има и своја обврска односно да го слуша мислењето соучениците, без разлика дали тоа му се допаѓа или не, додаде Анѓелов.
Според ученикот Матеј Ѓоргиев, едно од најважните права на децата е правото на образование.
– Бидејќи со правото на образование го зголемуваме знаењето, ја намалуваме светската неписменост а основното образование е задолжително и бесплатно за сите ученици. Постојат различни видови средношколско образование, општо и стручно. Семејствата на учениците коишто не можат да си обезбедат образование за нив постои финансиска помош, во вид на стипендии. Високо образование може да добие секој ученик во зависност од неговите способности. Наставниците уште во деветто одделение ни ги ставаат на располагање образовните и стручни информации со цел да го направиме вистинскиот избор во понатамошниот живот. Исто така, учениците имаат и одредени обврски односно редовно да посетуваат училиште, да стекнуваат нови знаења и да постигнуваат успеси, да бидат дисциплинирани и да го почитуваат правилникот на училиштето, додаде Ѓоргиев.
Потенцирајќи дека во нивното одделение во изминатите осум години не се случиле инциденти помеѓу ученици и со наставници, Кристијан, Марко и Матеј сметаат дека можат да придонесат преку лични примери за подигнување на јавната свест за почитување на правото на детето и обврските што тие ги имаат во средината во којашто живеат.
Овие деца и ученици се добитници на трета место на државен натпревар Микробит. Тиеизработија алатка со која може да се разладува просторијата доколку се качи температурата во случај на глобално затоплување.
Дума.мк со нив разговараше со цел да го слушне нивното мислење во рамки на неделата на правото на детето што се реализира секоја година во првата недела на месец октомври.
Стефани Манева