Дечињата од детската градинка изработуваа книги и ги продаваа на хуманитарен саем (фото и видео)
Дечињата од детската градинка „Димче Мирчев“ заедно со своите родители, во изминатиот период изработуваа книги на различни теми, коишто ги продаваа на детски саем организиран во Медиотека на локалната библиотека „Гоце Делчев“. Целта на саемот е дечињата да се запознаат со книгата и кај нив да се развие љубовта кон пишаниот збор уште од најмала возраст.
Директорката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Снежана Бошевска, рече дека вчерашниот саем бил многу успешен и посетен од голем број на дечиња.
-Децата по повод месецот на книгата во своите градинки изработуваа книги. Тие на тој начин научија дека секоја книга има корица, страни испишани со песни и приказни, но и дека секоја книга има свој автор. Исто така, дечињата со своите родители го посетуваа и детскиот оддел во библиотеката кадешто им беше презентиран литературниот фонд наменет за деца. Голем дел од нив се зачленија во нашата библиотека. Настанот беше преубав и соработката ќе продолжи, додаде директорката Бошевска.
Сите рачно изработени книги на дечињата во текот на вчерашниот двочасовен саем скоро се распродадени. Сите средства коишто се собраа за време на детскиот Саем на книгата ќе бидат искористени за поставување на библиотеки од отворен карактер, поточно, „остави и земи си книга“. Овие библиотеки ќе бидат поставени во дворовите на сите клонови на детската градинка.
Саемот на книги е организиран по повод месецот на книгата од страна на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во соработка со детската градинка „Димче Мирчев“.
Стефани Манева
Видео: