Демир капија ќе тренира граѓани, угостители и винари!
За македонското вино се раскажуваат бројни приказни без почеток и крај. Исто како и за македонската традиционална храна, приготвена по стари рецепти,со неверојатно автентични вкусови и мириси, во земјени тави. Сервирана во тацни полни со различни производи,многу скоро ќе се најде пред бројните домашни и странски туристи.
Општина Демир Капија оваа идеја ќе ја реализира преку проектот „ЦЕНЕТ“ финансиран преку ИПА програмата и во партнерство со Стопанската комора на градот Флорина од Грција. Со отворање на тренинг центар во Демир Капија ќе се овозможи едукација за граѓаните заинтересирани да работат во туризмот и угостителството. Тие ќе имаат за задача пред домашни и странски туристи на најдобар можен начин да ги промовираат туристичките потенцијали на Тиквешкиот регион.
„Демир капија е најпрепознатлива по квалитетното вино, по козјо сирење, слатко од речели, маџун и гроздов мед. Овие наши производи имаат капацитет да излезат на трети пазари а туристичката мрежа што ќе ја формираме би помогнала за нивна продажба преку туристички пакети во земјите од регионот“, рече Јован Јованов проект менаџер на Ценет.
Тренинг центарот преставува надеж за економски развој на малата општина Демир капија. Ништо поголема од неа не е ниту општината Флорина во Леринскиот регион на соседна Грција. Овие две општини се партнери во проектот Ценет финансиран преку ИПА програмата на Европската унија.
„ЕУ дава посебно значење на двете држави од кои едната е членка а другата не е членка на унијата. Во период на светска економска криза многу е важна соработката со соседите. Програмата е европска и политиката нема да постои како проблем, докажано е дека меѓу двете држави и народи нема проблеми па затоа сакаме да го имаме тоа што не поврзува а не што не дели“,рече Сапаидис Савас ,претседател на Стопанска Комора на Флорина,Грција.
На дводневната конференција во Демир капија на која покрај домаќините учествуваат и гости од повеќе земји во регионот се расправа за тоа како можат да се користат европските и други фондови за равој на туристичката мрежа како и за развој на туризмот во двете држави.