Лозари во Повардарието чекаат субвенции и пари за предадено грозје!
Празни останаа и денеска трансакциските сметки на дел од лозарите од Демир Капија. Ним сеуште државата не им ги исплатила субвенциите за предадениот род, од ланската реколта. Меѓу нив има и производители кои субвенции не зеле ниту за оломнани.
Тие се дел од околу 2900 лозаропроизводители кои во законски предвидениот рок поднесоа барања за субвенции до ПЕ на Министерството за земјоделство во Неготино. Од таму велат дека парите на околу 66 отсто од лозарите им се исплатени додека на останатите субвенции ќе им стигнат во законски предвидениот рок, до 30 јуни годинава.
Лозарите не се задоволни од ваквиот начин на распределба на парите затоа што сметаат дека сите треба да имаат ист третман од државата. Тие досега не добиле пари ниту од предаденото грозје во винариите.
-„Освен што винариите не ми исплатиле околу 5000 евра морам да ги чекам парите и по основ на субвенции. Не знам како и по кој начин истите се исплаќаат но сепак треба да се води сметка дека работата во лозјето не чека и дека за 40 хектари лозови насади со кои располагам потребно е многу пари и труд за да произведам квалитетно грозје“,се пожали лозар од демиркаписко.
Министерството за финансии, од средината на минатиот месец, почна со исплата на субвенциите за одржување на лозови насади. Околу 77,7 милиони денари легнаа на сметките на 2.222 лозари од Неготино. Висината на поддршката за оваа мерка е 40.000 денари по хектар.
Според лозарите,овие пари нема во целост да ги решат нивните проблеми бидејќи се соочуваат со реални проблеми какви што се неисплатено грозје, необезбеден пласман и не гарантирана цена./Б.Н.Т