(ОБНОВЕНО) Загина осум месечно бебе во директен судир кај Демир Капија
Тешка сообраќајна несреќа се случи утринава околу 07.20 часот на место викано „Арсова лака“ на патот помеѓу Демир Капија и Удово.
Во директен судир на два автомобили со српски регистарски таблички, „Форд фиеста“ и „Шкода фабиа“ повредени се осум патници. Меѓу повредените било и осум месечно бебе кое не го издржало транспортот кон велешката болница и починало по пат. Шестмина од повредените се пренесени во болницата во Велес. По реанимацијата сите се транспортирани во скопските клиники, вели портпаролката на велешката градска болница д-р Силвана Мишкова.
„ За жал едно осуммесечно бебе е починато на пат кон велешката болница. Тежината на повредите кај сите останати пациенти бараше повисоко ниво на здравствено згрижување. По реанимацијата во велешката болница и укажаната помош, едно дете и останатите петмина пациенти се транспортирани во болниците во Скопје. Двајца од пациентите еден маж и една жена, се во критична состојба,“ рече д-р Мишкова.
На една повредена девојка во несреќата лекарска помош и била укажана во болницата во Гевгелија. И таа е транспортирана за Скопје. Информацијата за сообраќајката ја потврдија и од МВР. Во изјава министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска информираше дека сообраќајката се случила во момент на разминување на двете возила. Несреќата што утрово се случи на овој дел од патот беше причина за неколку часовен прекин на сообраќајот.
Увид на местото на несреќата извршил јавен обвинител од Кавадарци и полициска екипа од полициска станица Неготино. Тие ќе ги утврдуваат причините за несреќата. /Д.С