Се излеа Бошавица кај Демир Капија, железничкиот сообраќај во прекин

Објавено на 23 јануари, 2015 во 13:54

Интензивните врнежи од дожд го наполни коритото на реката Бошавица кај Демир Капија.  Таа се излеа и поплави дел од железничката пруга Демир Капија – Гевгелија, па предизвика прекин на железничкиот сообраќај.  Од Центарот за управување со кризи  велат дека освен железничката пруга, поплавени се улици и подруми.

„Поплавени се и подрумски простории во Специјалниот завод во Демир Капија. Се работи на отстранување на водата. Поради излевање на реката Бошавица на едно место е скинат заштитниот насип на улицата Партизанска која е полна со вода па се работи и таму на поправка на насипот“, рече лицето за односи со јавноста при Центарот за управување со кризи, Тихомир Каранфилов.

Според информациите од метеоролошката станица во Кавадарци до 7 часот утринава во градот наврнале 16 литри на метар квадратен, а резултатите од мерењата во 13 часот покажаа дека количината на дожд е зголемена за уште 4 литри  и вкупно има наврнато 20 литри на метар квадратен.

Со обилни врнежи од дожд беше зафатено и Неготино во текот на ноќта и претпладневните часови.  До 8 часот во неготинско наврнале 12 литри на метар квадратен, но со оглед на тоа дека врнежите продолжија и во попладневните часови зголемен е и вкупниот воден талог.

Метеоролозите информираат дека  претежно облачно време и врнежи од дожд поради  циклонска активност  ќе имаме се до недела, но врнежите ќе бидат со послаб интензитет. Во недела попладне и во понеделник ќе настапи преодно стабилизирање на времето. Темепратурите ќе опаднат, а ќе дува и засилен ветер./A.Д.

 

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.