Се излеа Бошавица кај Демир Капија, железничкиот сообраќај во прекин
Интензивните врнежи од дожд го наполни коритото на реката Бошавица кај Демир Капија. Таа се излеа и поплави дел од железничката пруга Демир Капија – Гевгелија, па предизвика прекин на железничкиот сообраќај. Од Центарот за управување со кризи велат дека освен железничката пруга, поплавени се улици и подруми.
„Поплавени се и подрумски простории во Специјалниот завод во Демир Капија. Се работи на отстранување на водата. Поради излевање на реката Бошавица на едно место е скинат заштитниот насип на улицата Партизанска која е полна со вода па се работи и таму на поправка на насипот“, рече лицето за односи со јавноста при Центарот за управување со кризи, Тихомир Каранфилов.
Според информациите од метеоролошката станица во Кавадарци до 7 часот утринава во градот наврнале 16 литри на метар квадратен, а резултатите од мерењата во 13 часот покажаа дека количината на дожд е зголемена за уште 4 литри и вкупно има наврнато 20 литри на метар квадратен.
Со обилни врнежи од дожд беше зафатено и Неготино во текот на ноќта и претпладневните часови. До 8 часот во неготинско наврнале 12 литри на метар квадратен, но со оглед на тоа дека врнежите продолжија и во попладневните часови зголемен е и вкупниот воден талог.
Метеоролозите информираат дека претежно облачно време и врнежи од дожд поради циклонска активност ќе имаме се до недела, но врнежите ќе бидат со послаб интензитет. Во недела попладне и во понеделник ќе настапи преодно стабилизирање на времето. Темепратурите ќе опаднат, а ќе дува и засилен ветер./A.Д.