Десет средношколци успешно ја завршија летната младинска академија организирана од Младински центар Велес
Десет средношколци во летниот период беа дел од втората по ред летна академија којашто ја организира Младински центар Велес, оваа година на тема „Правата на младите и како тие се застапуваат со нив?“. Учениците во текот на летниот период следеа предавања коишто траеа и по два ипол часа, пишуваа домашни задачи, се дружеа и стекнуваа нови знаења. Завршниот дел од летната младинска академија, поточно петтиот дел, беше на темата „Законот за младинско учество и младински политики“ и учесниците имаа можност да се запознаат повеќе со законот и со неговиот предмет на уредување.
-На крајот од предавањето заедно со нашите учесници имавме и кратка дискусија кадешто тие ги споделуваа своите искуства и впечатоци за академијата и посебно сме горди бидејќи сите од учесниците дадоа позитивен одговор, дека посебно им се допаѓа што слободното време во летниот период го искористиле за да научат нешто ново и дека со задоволство би присуствувале и следната година доколку се организира оваа академија, а токму овие зборови се наш мотив за да работиме и оваа летна академија да стане традиција. Тие исто така побараа и во текот на целата година да се организираат академии на различни теми и ние како Младински центар ќе гледаме да го овозможиме тоа, вели младинскиот работник Ивана Јордева од Младински центар Велес.
Завршниот настан за академијата ќе се одржи на 12 септември, во Европска куќа Велес, каде на сите учесници ќе им бидат доделени сертификати за успешно завршување на академијата, а за забавата ќе се погрижи еден локален бенд во којшто свири и едно од девојчињата коишто ја следеа академијата.
Инаку летната младинска академија беше организирана од страна на Младински центар Велес во соработка со Европска куќа Велес.
Стефани Манева