Домашен инвеститор отвора фабрика за челични производи во Градско, на оглас бара работници
Кавадаречка фирма за меѓународен транспорт е сопственик на парцелата од 42 илјади м2 што ја купила од приватни лица за да инвестира во производство на челик во Градско. „Оркан импекс“ во изминатите шест месеци го изгради делот на производствениот капацитет којшто се простира на 11 илјади м2 и сега го составува тимот што ќе работи во фирмата „Стил-М АБЦ“ ДООЕЛ. Стигната е и опремата чијашто монтажа се планира да започне во наредната недела додека производството веќе наредниот, месец ноември, годинава.
Инвестицијата изнесува помеѓу 8,5 и 9,5 милиони евра.
Првично ќе се вработат 47 работници заедно со администрација. Приоритет ќе имаат млади луѓе од Општина Градско. Тие ќе треба да работат во производството на челичните производи наменети за извоз на европскиот пазар.
„Приоритет даваме на млади невработени граѓани од Општина Градско. Сакаме да ги задржиме да останат во своето родно место и во државата. Општината ни помогна во делот на побрзо завршување на административните процедури и ни го олесни патот до посакуваната цел. Се надеваме на помош од владината Програма за мали и средни претпријатија во делот на реинвестициите,“ соопштија од „Стил-М АБЦ“ ДООЕЛ.
Градоначалникот Киро Нацков е задоволен од изборот на инвеститорот којшто разгледувал парцели во Кавадарци и во Росоман но сепак одлучил да гради објект и вработи млади луѓе во Општина Градско.
-Стартното вработување на 47 работници во нашата општина како и плановите за брзо зголемување на нивниот број е придобивка не само за општината во која ќе се намали невработеноста туку и ќе влијае врз висината на месечната заработувачка. Дополнително со инвеститорот работиме и на нова проектна идеја што ќе ја објавиме на почетокот на 2025 година со што сигурно ќе се зголеми бројот на вработувања во фирмата. Ме радува тоа што има интерес за вработување од страна на жители на општината, додаде Нацков.
Во моментов на огласот за вработување фирмата инвеститор бара книговодител,
5 комерцијалисти, 2 Машински инжинери, 2 Магационери, 8 Виљушкари, 6 Кранисти, 8 Оператори на машини, 6 Заварувачи, 7 Возачи со Е категорија, 1 Кувар и 1 помошник Кувар.
Оваа инвестиција е една од поголемите во општината во изминатата деценија ако се земе во предвид дека од посериозните секако беше изградбата на бензиската пумпа лоцирана на автопатот „Пријателство“.
Убавка Јаневска