Др Чолакова Дервишова: Мора да се стопира одливот на лекари од јавно во приватно здравство, ја поддржуваме заложбата на Таравари
Лекарите специјализанти добро е да ги пополнат празните места во јавните здравствени институции, но тие треба прво да работат со лекари специјалисти за да црпат искуства и знаење па потоа да можат сами да ги издаваат здравствените услуги на пациентите. Минатата недела овој став го соопшти претседателката на Здружението на приватни лекари, др Лили Чолакова Дервишова, одговарајќи на прашање на Дума.мк за покажаниот интерес на Министерството за здравство да ги ангажира, како во болниците во главниот така и низ градовите во државата, приватните специјализанти со кои би се надминала итната потреба од лекари.
Др Чолакова Дервишова денеска ја оцени како доста значајна изјавата на министерот за здравство Арбен Таравари во која тој како обид да се ублажи потребата од лекари специјалисти во јавното е враќањето од приватното здравство на тие коишто веќе пројавиле интерес.
-Мора да се стопира одлевањето на лекарите специјалисти од јавното здравство. Граѓаните мора да добиваат квалитетни здравствени услуги за коишто издвојуваат пари од своите плати. Треба да се создадат услови во јавните здравствени установи освен со потребна медицинска опрема и со квалитетен кадар. Согласно Законот за здравствена заштита секој граѓанин во државата треба да има навремена и квалитетна здравствена услуга во јавна установа, рече др Чолакова Дервишова.
Инаку денеска Министерот за здравство, Арбен Таравари, на прес конференција соопшти дека лекари од приватното здравство сакале да се вратат на работа во државното здравство. Тој не прецизира од кои специјалности и за колкумина станува збор но заклучи дека тоа бил сигнал за враќање на довербата во јавниот здравствен систем.
-Како Влада ќе побараме решение како да ги вратиме експертите што имаат искуство од над 10 години како специјалисти и субспецијалисти во клиниките и болниците каде што недостасува кадар. Сигурен сум дека ќе изнајдеме решение одреден број од нив да се вратат. Ова нè прави горди. Гледаме дека има интерес од докторите, што укажува на тоа дека се враќа довербата во јавните здравствени установи, рече Таравари.
Според претседателката на Здружение на приватни лекари, исто така, значајно да се размисли е и за задржување на лекарите специјалисти на работа и по исполнување на условите за пензионирање или за ангажирање на пензионираните специјалисти се до целосно надминување на проблемот.
Убавка Јаневска