Државен еколошки инспекторат изврши увид, ЈП „Лисиче“ зема примероци од водата на велешко „Младост“ и чека резултати
Состојбата, со белата пенеста пифтиеста маса од која се шири мирис на амоњак на крајбрежниот појас на велешко „Младост“, што се појави завчера, ја констатираа инспекторката на Државен инспекторат за заштита на животна средина Билјана Шуркова Манаскова и вработените во Лабораторија на Јавно Претпријатие „Лисиче“.
Според изјавата на Блинков, од Државен еколошки инспекторат, направен е увид над состојбата за што било известено и државното јавно претпријатие „Лисиче“ кое земало примероци од водата. Тој Дума.мк за понатамошните активности околу постапката за утврдување на појавата на белата пенеста пифтиеста маса и за причините ја упати одговори да побара од ЈП „Лисиче“. Тоа е едно од двете претпријатија, кои се задолжени за обезбедување на квалитетот на езерската вода на „Младост“.
Според Ване Маневски, директор на државното водостопанско претпријатие „Лисиче“, вработените во Лабораторијата новонастанатата состојба во водата на велешко езеро ја констатирале изминатиот петок, на 15 ноември, годинава.
-Земени се мостри од водата и испратени се на испитување во Хидробиолошки завод Охрид. Ги очекуваме резултатите во текот на неделава. Тогаш со сигурност ќе можеме да соопштиме за откриената појава во водата на „Младост“. Јавното претпријатие максимално посветено го следи случајот и по пристигнување на резултатите јавно ќе ги објави на својата веб страница, додаде Маневски.
Тој уште сугерираше на една слична појава, во 2018 година, во Дојранско Езеро за која пишуваа медиумите кои тогаш се повикаа на изјава на градоначалникот Анго Ангов според кого стануваше збор за вообичаен, во зимски период, природен процес на чистење на Езерото. Сепак Маневски додаде дека „Лисиче“ за регистрираната појава во водата на „Младост“ официјална информација ќе соопшти штом ги добие резултатите на Хидробиолошкиот завод во Охрид.
Инаку, вчера попладне, иако белата пенеста пифтиеста маса сеуште е присутна покрај брегот на езеро „Младост“, од потегот на трските кај прва плажа до пред просторијата на СРД „Бабуна“ и се чувствува мирис на хемиска супстанца, бојата на езерската вода беше променета и избистрена. Дел од граѓаните кои се шетаа по и под патот, во делот на пешачката патека како и околу браната, коментираа дека можеби од северниот ветер што дува деновиве во велешко се појавила пената додека за миризбата констатираа дека доаѓа од водата поради тоа што нема дотур и размена на свежа вода во „Младост“.
Убавка Јаневска