Дуалното образование тема на разговор помеѓу ученици, директори, бизнис заедница и Општина Велес (фото)
Дуалното образование веќе неколку години се спроведува во средните стручни училишта во Велес и досега покажува солидни резултати.
Додека во ССОУ „Коле Неделковски“, годинава, излегува првата генерација на матуранти од дуалната паралелка техничар за производно и машинство во ССОУ„Димитрија Чуповски“ драстично се зголеми интересот на учениците за овој вид на три годишно образование. Двете директорки Весна Стојанова Богоевска и Маја Хеско ги споделија позитивните искуства од кои особено е интересен податокот дека во изминатите четири школски години, дуално образование стекнуваат 75 ученици во „Коле Неделковски“ кои својата практична настава ја изведуваат во училиштето и во приватните компании во Велес.
Во средното економско училиште „Јовче Тесличков“ каде што се изучуваат профили од секторот економија, право и трговија, дуалното образование се практикува од изминатата школска година во смерот економски техничар. Истовремено училиштето соработува со 15 компании во кои учениците ја изведуваат својата практична настава, информираше директорот Васко Трајковски.
Овој вид на образование е интересен и за учениците. Неколкумина споделија искуства велејќи дека се повеќе од задоволни. Од една страна стекнуваат знаење и од друга страна вештини преку практична работа. И не само тоа туку добиваат и стипендија од Министерството за образование како и паричен надомест од компаниите во кои ја извршуваат праксата.
На трибината „Учи паметно, работи стручно“ што се одржа во салата на Општина Велес претставниците на бизнис заедницата ја потенцираа својата отвореност за ваква соработка истовремено предочувајќи ги проблеми за кои побараа помош од надлежните институии. Таа да се состои од воведување на посебни катчиња во училиштата преку кои учениците ќе се запознаат со профилите во средните училишта и ќе се определат во која насока ќе го продолжат своето понатамошно образование.
Дума.мк