Дума.мк: Колку точно ќе изнесува четири месечната парична помош од Владата за пензионерите и граѓаните во социјален ризик

Објавено на 20 октомври, 2022 во 15:46

Голем број пензионери деновиве од Дума.мк бараа дополнителни информации за висината на паричната помош од мерката на владата за надминување на економско- енергетската криза.  Дел од нив побараа точни и прецизни информации поврзани со месечните приливи што ќе ги добиваат во наредните четири месеци согласно висината на месечниот паричен износ.

Пензионерите коишто земаат до 11.525 денари пензија, со исплатата на ноемвриската пензија ќе добиваат дополнително 1.500 денари месечно или 6.000 денари вкупно за  наредните четири месеци. Додека директна финансиска помош од 3.000 денари за четири месеци или по 750 денари месечно, ќе зимаат пензионерите коишто имаат пензија од 11.525 до 14.000 денари.

Инаку, финансиска поддршка ќе добиваат и граѓани од социјално ранливи категории. Односно, 42.000 граѓани ќе добиваат вкупно 12.000 денари, поточно, во наредните четири месеци по 3.000 денари дополнително. Оваа финансиска помош ќе ја добијат граѓаните коишто спаѓаат во лица кои користат право на социјална сигурност, лица кои го користат правото за попреченост, родители на деца со попреченост до 26 годишна возраст кои користат право на посебен додаток. Потоа, лица со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице, лица со потешки трајни промени во здравствената состојба.

Исто така тука спаѓаат и самохрани родители корисници на гарантирана минимална помош, невработени лица корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок односно стечајни работници согласно Закон за материјално обезбедување.

За реализација на оваа мерка владата од буџетот одвои вкупо осум милиони евра, додека за пензионерите 12,2 милиони евра.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.