Дваесет деца потпишани како автори на свои книги кои ги изработија за време на работилница во велешка библиотека
Дваесет нови детски книги изработија младите велешани љубители на пишаниот збор кои беа дел од четиридневната работилница организирана во велешка библиотека „Гоце Делчев“ како дел од проектот „Лето во библиотека“. За време на работилниците децата учеле како од идеа се доаѓа до реализација и објавување на книга, се дружеле со роднокрајни автори, со вработените од библиотеката, работеле на свои дела кои на самиот крај ги презентирале.
Директорката на велешката библиотека Снежана Бошевска објасни дека првиот ден од работилницата бил насловен „Патот на книгата – од идеа до полица“ кога децата на средба со роднокрајните автори Сања Стојанова и Наташа Бресовска Богоевска се запознале со патот на книгата, како се пушува, што е издавачка куќа па се до местото на книгата во библиотечните полици.
-Од страна на вработен Библиотекар Павлина Најдова имаа запознавање со работата на библиотеката, начинот на кој се редат книгите , како се организирани и начинот на кој се внесуваат во електронскиот каталог на библиотеката. Децата беа во улога на автори осмислија за тема за што ќе пишуваат во својата книга. На овој ден го креираа насловот, корицата, издавачката куќа и битните податоци за книгата. Вториот ден беше посветен на „Правописот во македонскиот јазик, основен елемент за добра книга“. Децата пред да почнат да ја пишуваат својата книга од страна Снежана Петрова Џамбазова им беше објаснета улогата на лекторот пред да се печати една книга. Имаа работилница за најчестите правописни грешки. Преку игра препознаваа погрешно напишан збор и ја поправаа грешката. Потоа децата започнаа со пишување на приказната во својата книга, објаснува Бошевска.
Децата третиот ден од работилницата имале средба и со илустраторот Евгенија Андреева со цел да се запознаат со „Оживувањето на книгата преку илустрациите“ и да упознаат колку е важна илустрацијата во една книга а потоа сами ги внесувале илустрациите во своите книги.
-Врската помеѓу авторот и илустраторот е мошне важна за вистинско пренесување на замислата на авторот преку цртеж до читателите. Сите заедно заклучивме дека книгата со илустрации е попривлеча за читателите но тоа не значи дека помалку вредна e онаа којашто нема илустрации. Последниот ден, поточно четвртиот беше насловен „Мојата книга“ кога дeцата учесници во работилницата ги презентираа своите книги. Сите се сложивме дека поминаа прекрасно време во библиотека, си запознаа нови другари и посакаа еден ден да имаат можност да издадат своја книга. Преку книгите ги дознавме желбите на децата, омиленото хоби и слушнавме убави пораки за мир, другарство, и емпатија. Да се надеваме дека помеѓу авторите на овие мали детски книги се имињата на идните светски познати автори, додаде Бошевска.
На завршниот настан присутни биле членови од семејствата на децата како и претставници од Општина Велес.
Проектот „Лето во библиотека“ се реализираше во период од 8 до 11 јули и е еден од четирите проекти на библиотеката кои се поддржани од Министерство за култура за 2024 година.
Стефани Манева