Две лаборатории а различни резултати за квалитетот на водата за капење во езеро „Младост“
Надминување на граничните вредности за присуство на „цревни ентерококи“ и “ешерихија коли“ во водите на езеро „Младост“ ,на локациите „Брод Панини“ и „Градска плажа 1“, се резултати од испитување на примероци од езерската вода што ги земала Лабораторијата „Фуд лаб“ од Скопје на ден 11.08.2023 година. Овие резултатите се причина за издадена препорака до граѓаните на општина Велес во која треба да избегнуваат капење во езерото на местата „Градска плажа 1“ и околу „Брод Панини“.
„Кај бродот Панини утврдени се четири пати поголеми концентрации на ешерихија коли и два пати поголеми концентрации на цревни ентерококи. Според резултатите од анализите на земените мостри вода кај Градска плажа, во водите има четири пати поголема концентрација на цревни ентерококи. Врз основа на овие резултати ве известуваме дека на споменатите локации капењето и рекреативните активности во вода не се безбедни. Се препорачува на сите граѓани и посетители да ги избегнуваат овие две локации,“ пишува во препораката на Општина Велес.
Граѓаните можат да се капат во водата на „Младост“ кај хотелите „Романтик“ и „Бела Вода“. Квалитетот на водата на овие две локации е со добар квалитет согласно законската регулатива. Тоа што се разликува во оваа препорака со претходно објавените резултати на Центар за јавно здравје Велес е локацијата „Градска плажа“.
Јавната здравствена институција, која што меѓу Велешани е популарно наречена “Хигиенски“, излезе со резултати од исто така земени 12 примероци на вода во период од 19 мај до 3 август,годинава. Испрати и архивиран Извештај со потпис на Прим д-р Снежана Петрова, специјалист по хигиена и на в.д директорката Богданка Јорданова.
Во овие лабораториски резултати на велешката јавна здравствена установа пишува дека „квалитетот на водите во акумулацијата „Младост“ одговараат на бараните микробиолошки критериуми а отстапувањето од бараната 2-ра класа се однесуваат на параметри како: зголемена сатурација – заситеност со кислород (4 – 3 класа) и зголемена матност (3 класа) и кои не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето и истите можат да се користат за капење и рекреација„.
Центарот за јавно здравје Велес, по предупредувањето на општината, денеска го испрати нивното известување и соопшти дека повторно утре ќе се земат нови мостри од водата на двете места „Градска плажа 1“ и „Романтик“ коишто ќе се анализираат во Институт за јавно здравје. Резултати ќе објават по пет дена. Исто така, Одделението за заштита на животна средина на општината денеска испрати барање до скопската лабораторија, избрана на тендер, за повторно испитување на водите на „Младост“.
До тогаш од граѓаните се бара да ја почитуваат препораката на општината за воздржување од капење на „Градска плажа 1“ и кај Брод „Панини“.
Убавка Јаневска