Eфремова: Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и Левица во Велес,  има ново име и се вика Коалиција „Непотизам“

Објавено на 31 јануари, 2022 во 12:35

Покрај незаконското уценување и притисоци од Марко Колев и Игор Здравковски, двете партии продолжиле со вдомување на  свои роднини за дебели хонорари во јавните институции во градот, соопштија од советничката група на СДСМ. На денешната прес конференција советничката Катерина Ефремова констатираше дека наместо нова иднина од ДПМНЕ и Левица се добивало само старо-ново име, исто како и во времето на Груевски и Чадиев, непотизам.

-Имено, на денешната седница на Советот, како членка на Надзорен одбор на ЈКП „Дервен“ е предложена Билјана Ангелова Смилева, снаа на советникот од Левица, Игор Смилев. Покрај овој класичен знак за непотизам, истите незаконски го менуваат целиот Управен Одбор на ЈКП „Дервен“ и предложуваат партиски кадри, кои веќе работат во државни институции и немаат никаква професионална поврзаност со работата на ЈКП Дервен. Господата советници од ДПМНЕ и Левица многу бргу го покажавте своето вистинско лице. Освен за позиции и народни пари, не се интересирате за ништо. Затоа и половина град, среде пандемија, секојдневно е без вода за пиење и одржување на личната хигиена, додаде Ефремова.

Советничката група на СДСМ во Совет на општина Велес истовремено, ја информираше велешката јавност дека на дневен ред на денешната седница е продажба на две парцели за хотели и еден мотел на езерото МЛАДОСТ, изнајмување на плажи и четири локации за поставување на шанкови за вкупна цена од 100.000 евра.

-Со други зборови, Марко Колев и коалицијата го распродаваат имотот на велешани.Додека ВМРО-ДПМНЕ се расфрла со народен имот, за компензација Левица добива места во Надзорниот Одбор на „Дервен“. Советниците на СДСМ поднесоа барање за повлекување на оваа точка од дневниот ред и доколку се дозволи оваа коалиција на тендери и непотизам да го продава езерото Младост, ќе ги искористиме сите средства за зачувување на природните богатства на Велес и велешани, додаде Ефремова.

Таа констатираше дека за неполни 100 дена станало јасно каква локална власт имаат граѓаните на Велес и додаде дека СДСМ останувала на страна на правдата и одбрана на граѓаните како и против злоуотребите и распродажбата на езерото Младост од страна на коалицијата „Непотизам“ на ДПМНЕ и Левица во Велес.  

Дума.мк веќе побара став од советничките групи на Левица и на ВМРО ДПМНЕ во Советот на општина Велес што ќе ги објави штом ги добие.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.