Форум на заедницата: Проекти од инфраструктура и економски развој приоритетни во Вардарски регион
Започна процесот на Регионални форуми во заедницата кој е финансиски поддржани од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.
Во организација на Центарот за развој на Вардарски плански регион, денеска, во Велес се одржа првата форумска сесија на која што учесниците имаа можност да идентификуваат и дефинираат приоритетни регионални проблеми поврзани со проритетните области инфраструктура и економски развој. Областите беа избрани на форумот од страна на учесниците какошто се претставници на деветте општини во Вардарски плански регион, локални и национални јавни институции како и претставници на граѓански организации.
-Центарот за развој на Вардарски плански региони добива финансиска поддршка за спроведување на проекти во рамки на програмата за регионален развој за 2023 година со индикативни планирани средства за 2024 година, финансирана од Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој со предвидени средства во висина од 62.094.078,00 денари за овој плански регион, рече Душица Габарова советник во Одделение за општи и административни работи, финансии и јавни работи во центарот.
Активното партиципирање на учесниците на форумот во Вардарскиот плански регион е од особено значење за успешна реализација на регионалниот форумски процес. На наредната сесија ќе бидат дефинирани проектите кои ќе бидат финансирани од страна на министерството и Бирото за регионален развој и ќе се од регионално значење.
Убавка Јаневска