(фото и видео) Успешна хуманитарна акција по повод Св. Никола во Велес, задоволни граѓани и многу детски насмевки
Голем број на граѓани ја посетија големата хуманитарна акција организирана на платот пред Основен суд Велес по повод празникот Св. Никола. Вкупно 1520 порции посен оброк беа подготвени од главниот организатор на акцијата, гостилница „БОЕМ“ и поделени помеѓу граѓаните. Дел од нив, граѓани од социјално загрозени семејства бесплатно го земаа ручекот, додека останатите донираа скромна сума на пари во поставените кутии на штандот.
Голем број на граѓани ги посетуваа и штандовите на детската градинка „Димче Мирчев“ кадешто се нудеа разни рачно изработени производи. Исто така, жените од Здружение на пензионери приготвиле вкупни сукани и благи производи како и учениците од ССОУ „Коле Неделковски“ од угостителската струка коишто брзо ги распродадоа своите вкусни благи производи и се вратија на настава. Штандовите за помалку од еден час беа целосно празни, со што се докажа хуманоста на граѓаните но и на оние коишто ги приготвуваа јадењата.
Сите собрани средства од големата хуманитарна акција ќе бидат наменети за целосно реновирање на домот на велешкото семејство Димови. Членовите на семејството со голема насмевка и среќа во очите искрено се заблагодаруваа на граѓаните за нивните донации.
Трајче Мешков, сопственик на гостилница „БОЕМ“ кој е главниот организатор на настанот, се заблагодари на сите кои придонесоа оваа акција да биде организирана и со огромна среќа ја прогласи за успешна.
Безброј насмевки, среќа и огромна радост предизвикаа Добриот Дедо Мраз и Веселиот Дедо Мраз, кои на сите дечиња им делеа пакетчиња. Веселиот Дедо Мраз имаше прекрасна порака за сите присутни деца а потоа од својата санка им делеше разни подароци.
За време на оваа хуманитарна акција беа подарени 50 кебиња од детската градинка „Димче Мирчев“ и поделени на граѓаните. Волонтерите на велешки Црвен крст ги делеа бесплатните оброци додека за целосна празнична атмосфера, граѓаните ги забавуваше радио „Голди“ и Божана Ќулавкова Чадиева со македонски песни и програма во живо.
Во целосната организација учествуваа и Пан промет и т.а. Мартин, Ротари клуб од Велес, Грин енерџи ГЕ од Велес , Лутекс – Велес, Евангелска црква од Велес заедно со Филип Иванов, Лион од свети Николе кои донираа новогодишни пакетчиња, Рената и Саше Димови, Ердован Етоски, Александра Пачемска , група млади момци кои инсистираа на анонимност, Ташко Гуџов со семејството како и Александар Ѓорѓиевски и неговото здружение „Подај рака – спаси живот“ кое заедно со група мајстори од Велес ќе го реновираат домот на семејството Димови.
Стефани Манева
фото галерија: