(фото и видео) Здравствен Дом Велес востановува ден на крводарување за вработените
Здравствени работници, администрација како и граѓани утрово доаѓаа и даруваа крв на првата крводарителска акција што годинава се организира во оваа јавна здравствена установа во Велес. Иницијативата потекнала од директорот, ја прифатила основната организација додека поддршка добила и од Црвен крст Велес.
Додека даруваше крв претседателката на општинска основната организација на Црвен крст, др Кевица Клифова ни соопшти дека иницијативата потекнала од директорот Нино Николов на која се одѕваа голем број на вработени во Здравствен дом Велес.
-И јас сум дел од оваа акција освен како здравствен работник исто така и претседател на основната организација како и на комисијата за крводарување на Црвен крст Велес. Многу е значајно да се дарува крв, бидејќи секоја капка од црвената течност е значајна и навистина може да спаси човечки живот. Моето работно искуство од 25 години има сведоштва кога сум била дел од тимот на Итна медицинска помош и на лице место сум се соочила со фактот кога токму даруваната крв спасува човечки животи на настрадани во сообраќајни или други видови на несреќи, додаде др Клифова.
Редовното дарување на крв уште од полнолетство, на секои три месеци, го донесе до јубилејното 50 крводарување директорот Нино Николов. Тоа е причина за неговата иницијатива тој и здравствените работници на ваков начин да ја потврдуваат својата хуманост.
-Освен хуманост можам со сигурност да кажам дека лично чувтвувам здравствени предности и затоа сум редовен крводарител. На ова мое јубилејно 50 крводарување ќе апелирам во крводарителските акции да се вклучуваат граѓаните коишто имаат висок хемоглобин, проблеми со кожни видови на болести како и сите коишто се психофизички здрави а сакаат да бидат и хумани според протоколот кој пропишува на секои три месеци за мажи и четири за жени, додаде Николов.
Потврда дека меѓу здравствените работници има мотив да се биде редовен крводарител и да се спасува што поголем број на човечки животи е изјавата на медицинската сестра Сашка Димчевска од службата за детска превентива.
Крводарителската акција денеска започна во 09:00 часот и ќе трае до 13:00 часот. Меѓу здравствените работници ред да даруваат крв чекаа и граѓани. Тоа е мотив повеќе здравствениот дом во Велес да ја востанови како традиционална крводарителска акција што секоја година ќе се одржува во месец септември.
Стефани Манева