(фото) Отворен ден во ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес
Повеќе од 500 учениците од основните улишита во Велес, Градско, Чашка и Лозово, денеска, го посетија велешкото државно училиште „Коле Неделковски“ и се запознаа со образовните профили кои од септември може да ги изберат за нивна водилка во идната професија. Отворениот ден во училиштето се одржува по кабинети каде учениците преку презентации и практични примери им ја доловуваа суштината на образовниот профил на идните средношколци.
Директорката на државното училиште Весна Стојанова Богоевска рече дека отворениот ден се одржува традиционално во мај со цел деветтооделенците да се запознаат и со ресурсите со кои како регионален центар располагаат но и да се запознаат со фирмите партнери кои се дел од дуалното образование.
-Нашето училиште е лидер во дуално образование во Вардарски регион. Нашето училиште од јануари стана и Регионален центар за стручно образование и обука и големата лепеза на профили и струки им нуди одлична можност на деветтооделенците да се пронајдат, за да можеме заедно со нив да ја избереме нивната иднина. Денес, кога познаваш некоја вештина и имаш некое знаење, тоа заедно искомбинирано со желбата на самите ученици се преточува во една идна професија којашто е доста барана на пазарот на трудот. Токму во ова училиште ние нудиме стекнување на вештини коишто се многу барани на пазарот на трудот, нудиме знаење коешто го имаат нашите колеги но и вештини и знаење коешто го имаат менторите во нашите бизнис партнери, додаде Стојанова Богоевска.
Деветтооделенците во Електротехничката струка може да ги избираат струките техничар за индустриска мехатроника, Електротехничар – енергетичар, Електротехничар за компјутерска техника и автоматика, Електротехничар за електроника и телекомуникации и Автоелектричар. Во Машинска струка може да бираат Техничар за производно машинство, Машински техничар, Техничар за компјутерско управување, Машинско енергетски техничар, Машински техничар за моторни возила и Авто механичар/ заварувач/ бравар. Во Сообраќајна струка Техничар за транспорт и шпедиција и во Угостителската струка Готвач/ келнер слаткар.
Првото електронско пријавување ќе се врши од 20 до 25 јуни, годинава, додека доставувањето на документи во училиштето на 20, 21 и 24 јуни од 07:00 до 17:00 часот и на 25 јуни од 07:00 до 15:00 часот. Конечната ранг листа ќе биде објавена на 26 јуни.
Стефани Манева
фото галерија: