(Фото) Пожар повторно сериозно му се заканува на езеро „Младост“

Објавено на 2 август, 2023 во 16:52
Фото: Дарко Димитриевски, граѓанин на Велес

Огнот којшто се појавил над село Отовица, денеска, околу 13:40 часот се шири со голема брзина. Пожарот први го виделе сопственици на куќи позади хотел „Романтик“ коишто пријавиле во ТТПЕ Велес.

„Пожарникарите се на лице место и гаснат со вода од цистерни. Но ветрот го разнесува огнот во три правци. Еден веќе ја зафати боровата шума, веднаш над патарината “Отовица“ на автопатот Велес – Скопје. Тој крак има правец кон врвот на ридот додека двата други краци се шират на север и југ. Горат и нискостеблести растенија. Тие можат да создадат поголемо проширување на огнот“, рече Дарко Димитриевски.

Фото: Дарко Димитриевски – состојба во 14:00 часот
Фото: Дарко Димитриевски, состојба 14:40 часот
Фото: Дарко Димитриевски, состојба во 14:50 часот

Фото: Дарко Димитриевски, означена патарина „Отовица“

Тој е еден од велешаните кои го пријавил пожарот. Неговата и  проценките на сопствениците на другите куќи од оваа населба на брегот на езеро „Младост“ се дека потребна е интервенција со гаснење и од воздух.

РЦУК го има евидентирано пожарот. Директорот Стојанче Ангелов за Дума.мк рече:

„Во овој момент има два големи пожари, над село Отовица велешко и помеѓу Бучинци, Миладиновци и Групино, скопско. За кратко ќе полета Ер трактор на ДЗС и хеликоптер на МВР.“

Според последни информации на сопствениците на куќите позади хотел „Романтик“ огнот се шири кон врвот на ридот и со помош на ветерот може да префрли од другата страна.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.