(Фото) Самохрана мајка со малолетно дете во Кавадарци добија донација од фрижидер и масичка што ги купија ученици на ООУ „Тошо Велков Пепето“
Mлади волонтери на Црвениот крст Кавадарци кои се ученици на ООУ „Тошо Велков Пепето“ истражуваа заедно со својата наставничка Орхидеја Димовска по што одбраа да помогнат семејство на самохрана мајка која живее со своето малолетно дете и во чии дом нема фрижидер и масичка.
Волонтерите кои си дадоа име „Надеж“ организираа разни хуманитарни активности, спортски турнир во училиштето, ликовен конкурс, два музички концерти, по еден во училиштето и во концертната сала на основното музичко балетско училиште „Лазо Мицев Рале“ како и првоаприлски базар на Градски плоштад во Кавадарци.
Од овие и уште од неколку други спроведени активности се собраа потребните финансиски средства за купување на фрижидер и маса.
Учениците работеа под менторство на нивниот дисеминатор Даниела Лазовска од Црвениот крст Кавадарци, а подршка добија и од директорот како и наставниот кадар од нивното училиште „Тошо Велков Пепето“. Исто така подршка добија и од младите волонтери од ООУ „Димката Ангелов Габерот“ од Ваташа.
Иницијативата беше спроведена во рамките на програмата ЦКА-ПХВ поточно како дел од проектот „Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности“.
Убавка Јаневска