(фото) Волонтерите на велешки Црвен крст работеа на пет проекти со хуман, еколошки и интеркултурен фокус

Младите волонтери од Општинската организација на Црвен крст – Велес оваа година реализираа пет мали, но мошне значајни проекти во рамки на програмата „Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности“. Станува збор за група од 32 ученици на возраст од 14 до 17 години кои во јануари. годинава поминале низ циклус на три обуки, по што од февруари започнале со теренска работа и директна реализација на своите идеи.
-Проектите ги опфаќаат социјалната инклузија, здравствената заштита, екологијата и интеркултурниот дијалог – теми што ги засегаат сите граѓани на Велес, но и пошироко. Првиот проект се фокусираше на поддршка на згрижувачко семејство, кое веќе се грижи за две деца и има желба да згрижи уште две, но нема соодветни услови. По консултација со Центарот за социјални работи, младите волонтери го избраа семејството Реџеповски и организираа низа активности за прибирање средства, поточно рачни изработки за први и осми март, турнир во одбојка, gaming натпревар, штандови со освежувања и финална забава. Со собраните средства беше комплетно уредена детска соба со нов мебел и подови, создавајќи безбедно и топло место за уште две деца, објаснија за Дума.мк од велешкиот Црвен Крст.

Овој проект како и останатите четири се доказ дека младите, кога ќе им се даде шанса, можат да направат суштинска промена во животот на некого. Вториот проект на кои работеле младите велешани бил наменет за дете со аутизам чие семејство живее со минимален приход и не може да обезбеди скапи терапевтски помагала и алатки што се неопходни за неговиот развој и комуникација. Детето има тешкотии во изразувањето и во вклучувањето во училишниот и социјалниот живот, а без соодветна поддршка, ризикува да се изолира уште повеќе. Волонтерите организирале акција за прибирање донации со цел да обезбедат помагала што ќе му помогнат да учествува поактивно во секојдневието и да добие шанса за подобар квалитет на живот.

-Третата иницијатива беше насочена кон Детското одделение на Општата болница во Велес, каде што постои сериозен проблем со недостиг на современа медицинска опрема. Застарените апарати и ограничениот буџет во здравствениот систем ја отежнуваат работата на медицинскиот персонал и ја загрозуваат ефикасноста на третманите. Целта на проектот беше да се набави неопходна опрема што директно ќе го подобри квалитетот на здравствената заштита. Како конкретен резултат беше обезбеден аспиратор за секрет, уред што игра клучна улога при третман на респираторни заболувања кај деца. Со ова, велешките волонтери придонесоа за побезбедно лекување и подобри услови во болницата на што сме особено горди, објаснија од Црвен крст Велес.


Четвртиот проект на кои работеле младите велешани бил насочен кон еколошките предизвици во градот. Поттикнати од сè поголемото загадување, отпад и уништени јавни површини, волонтерите, во соработка со Општина Велес, реализирале повеќе активности како засадување дрвја на Костурница, учествувале во државната акција „Генералка викенд“, организирале информативни штандови и креативни работилници со изработка на клупи и украсни елементи од палети. Финалниот резултат е уредено еко катче и нова зелена зона во градот.

-Преку овој проект покажавме дека преку тимска работа и упорност, младите можат да го направат градот поубаво место за живеење за сите нас, истакнаа од велешки Црвен крст.

Петтиот проект на кој работеле младите волонтери бил со фокус на градење интеркултурна соработка меѓу ученици од различни етнички заедници. Волонтерите организирале серија работилници со ученици од македонски и албански паралелки, при што се создале простор за запознавање, размена на културни вредности, игри и учење јазични изрази.

-Работилниците беа одлично прифатени, а на иницијатива на самите ученици, на крајот беше организиран заеднички културен ден. Оваа иницијатива е пример како преку дијалог и заеднички активности може да се градат мостови на разбирање и пријателство, објаснуваат од организацијата.
Од Општинската организација на Црвен крст – Велес посочуваат дека се особено горди на нивните млади волонтери, кои покажале зрелост, емпатија и лидерски способности. Според нив овие пет проекти се повеќе од активизам, всушност тие се вистинска потврда дека младите не се само иднината, туку и сегашноста на позитивните промени во нашата заедница.
Стефани Манева
