Градоначалникот на Општина Велес поднесе Отчет на граѓаните
Првиот капитален проект во Отчетот на Градоначалникот Аце Коцевски е во реализација. Станува збор за „Нов Градски пазар“ во вредност од 86 милиони денари, од кои 40 милиони денари се обезбедени од Влада додека 46 милиони денари преку одобрен заем од Светска банка. Следни се „Смарт езеро Младост – прва иновативна туристичка атракција“ со вкупна вредност од 66 милиони 877 илјади и 825 денари обезбедени преку Европска унија и учество на општината во висина од 6 милиони 974 илјади и 731 денари, со под проектите „Еко камп“ на површина од 12 илјади м2, изграден пат до винарија „Сопот“, уредено крајбрежје со осветлена и новоизградена пешачка патека, поставена урбана опрема, хортикултурно уредување, маркирана велосипедска патека, сувенирница и станици за обични и за електични велосипеди како и смарт паркинг, полнач за електрични возила ,паметно осветлување, смарт клупи и контејнери за кои е поставен и софтвер со мобилна апликација за гратска платформа. Во центарот на Велес е отворено и првото регионално туристичко биро.
Исто така, Коцевски, на прес конференција, ги посочи и изградениот локален пат село Сливник – село Бузалково во должина од над 6 км за што од општинскиот буџет се издвоени близу 7,5 милиони денари додека 28 милиони 203 илјади и 149 денари се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој која во асвалтирање на патот до локалитет „Пешти“ финансираше над 12 милиони и 633 илјади денари додека Општина Велес учествуваше со 2 милиони 305 илјади и 940 денари. Општината со 3 милиони денари ја асфалтира улицата „Самоборска“, со 2 милиони и 300 илјади денари ги реконструира улиците „Благој Ѓорев“ и „8 Септември“ , со 2 милиони 836 илјади 841 денари улицата „АСНОМ“ и со 8 милиони 837 илјади и 400 денари улицата во сателитската населба “Езеро Младост“. За полесно и побезбедно одвивање на сообраќајот низ велешките улици, од општинската каса, се инвестирани и 6 милиони 245 илјади и 763 денари за поставување на сообраќајни знаци, чунови и изградба на скверови. На почетокот на зонското паркирање во Велес општината инвестирала 2 милиони 201 илјади и 109 денари.
За проектот „Инклузивно игралиште и плажа „Парк на срцата“ наменети за лица со посебни потреби, Општина Велес, издвои 1 милион 356 илјади 857 денари додека преку Швајцарската агенција за меѓународна соработка обезбеди 6 милиони 159 илјади и 213 денари.
Капиталните, инфраструктурни проекти, реализирани во изминатите четири години, според Коцевски во овој последен или трет мандат, чинат 8 милиони 775 илјади и 711 евра, средства од надворешни фондови. Во споредба со 2017 година двојно зголемени се, додаде Коцевски, финансиските средства за изградба на инфраструктурата поточно од 40 милиони 60 илјади и 457 денари пред пет години споредени со септември, годинава, кога изнесуваат 87 милиони 21 илјади и 289 денари.
-Сакам да ве уверам дека и покрај здравствениот проблем што ми се случи на почетокот на мандатот работев чесно, домаќински и транспарентно, со посветеност. Општина Велес ја вратив на врвот на општините во државата според транспарентноста и отчетноста, угледот како во земјата и особено пред меѓународните организации и дипломатските претставништва. Велес е општина без афери, без корупција, со висок интегритет со што особено се гордеам . Велес е општина пример по повеќе основи. Мала администрација, за два, три па и четири пати помалку ако се споредуваме со други општини со ист број на жители како Охрид, Струмица, Штип и Карпош. Вкупно бројот на вработени изнесува 84, пожарникари 30 и само 3 вработени ангажирани преку Агенција за времени вработувања. Седум места на раководители на одделенија сеуште не се пополнети. Наместо со возач, сам службено возел, немав Шеф на кабинет, ПЈ и лице за обезбедување. Исто така не земав службени дневници а и ги намалив на минимум трошоците за гориво и за репрезентација со што општината заштеди финансиски средства. Горд сум што Општина Велес е прва општина во државата со Стратегија за паметен град и План за одржлива урбана мобилност што е тренд во земјите во Европа, додаде Коцевски.
Тој најави неколку значајни инвестиции поточно изградба на фотоволтаична централа во месноста „Ново село“ во вредност помеѓу 40 и 50 милиони евра во првата фаза, чиј инвеститор планирал изградба и на дистрибутивен центар како и фабрика за бродски турбини од 5 милиони евра во Индустриската зона „Мамутчево“ со предвидени нови работни места. Исто така ги потенцираше информациите коишто се однесуваат на обезбедените средства и подготвената техничка документација за дел од проектите како што се изградба на подземна гаража и плоштад во центарот на Велес, реконструкција на улиците во централното градско подрачје, новата библиотека, атмосферската канализација и гасификацијата на Велес.
-Сакам да нагласам дека ми беше голема чест што во три мандати или вкупно 12,5 години ја извршував функцијата Градоначалник на Општина Велес. Да се биде Градоначалник на Велес, град со посебно место и улога во историјата, просветата и културата на македонскиот народ и држава не е само голема чест туку и одговорност. Затоа драги граѓанки и сограѓани Ви благодарам за довербата , за поддршката, за соработката, за разбирањето, за пофалбите но и за критиките без кои не можат да се прават добри дела. На сите Вам кои ми дадовте огромна поддршка за третиот мандат а кои сметате дека не сум ги исполнил Вашите очекувања во целост Ви се извинувам. Сакам да Ве убедам дека заедно со членовите на Советот и со вработените во општинската администрација дадовме максимум од можното. Иако секогаш може да се направи и повеќе и подобро, додаде Коцевски.
Наспроти затекнатите 3,5 милиони евра, долгови од кои 3 милиони направени незаконски и за кои поради лошите законски решенија никој до сега не одговарал, како и над 500 илјади евра законски направен долг за земен кредит од Светска банка што уредно е вратен Коцевски соопшти дека Општина Велес ја остава без долгови со многу започнати проекти вредни милиони евра. Според него тоа е гаранција дека Велес успешно ќе продолжи да се развива и во следниот мандатен период.
Стефани Манева