„Балканско патување“ – камерна магија инспирирана од фолклорот вечерва во Велес

Објавено на 24 јули, 2025 во 12:33

Во рамки на летната културна програма „Пулсирај со Велес“, вечерва со почеток во 21 часот, паркот кај ООУ „Васил Главинов“ ќе биде сцена на несекојдневен музички настан. Љубителите на класичната и етно музиката ќе имаат ретка можност да присуствуваат на концертот „Балканско патување“, уникатен проект инспириран од богатото балканско фолклорно наследство.

Зад концертот стои гудачкиот квартет предводен од истакнатата виолинистка Пламенка Трајковска. Заедно со неа, на сцената ќе настапат и Милена Гиевска-Андоновска на виолина, Љубица Бошкоска исто така на виола и Александра Јаневска на виолончело. Четирите музичарки ќе ја оживеат балканската традиција преку камерна интерпретација, спојувајќи ја класичната техника со етно мотиви од различни краишта на регионот.

Концертот претставува еден вид музичко патешествие низ богатството на балканскиот звук, прераскажано преку виолини, виола и виолончело – инструменти што создаваат интимна атмосфера и силен емотивен набој.

„Балканско патување“ е дел од серијата културни настани со кои Велес го одбележува летото и ги зближува граѓаните преку уметноста. Организаторите упатуваат покана до сите граѓани да бидат дел од вечерната магија под отворено небо.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.