Граѓани со индивидуални донации за помош на Тошевски, за нивниот нов дом

Објавено на 20 септември, 2021 во 20:38

Снежана и Зоран Здравковски се прво семејство што испрати индивидуална донација за изградбата на новиот дом на Тошевски во Стари Град, во Општина Чашка. Овие велешани, од пред неколку години, исселеници во САД ја прочитаа приказната на Дума.мк и токму таа ги поттикна да испратат 300 долари со цел да помогнат во набавката на потребниот градежен материјал  за изградбата на куќата.

Количините на потребна жица за армирање и палена жица за врзување на столбовите стигна во Стари Град како донација од велешката компанија „Алевадо“ ДОО. Со донацијата се создадоа услови за почетните градежни работи на плацот на куќата. Таму и денеска се работи. Работат таткото Стојан и синот Марјан заедно со пријателите.

-Многу не израдува тоа што добивме поддржувачи како од дома така и од странство. Прво да им посакам Господ да им подари здравје и среќа ним и на нивните семејства како и бериќет во домот од работата што ја работат.  Трогнат сум од нивната човечност со која покажаа дека големината на луѓето е во тоа кога имаш да споделиш со сиромашните. За жал ние сме сиромашни и не можеме сами да стигнеме до покрив над глава, рече Стојан Тошевски.

Тоа што покривот на куќарката во која сега живеат може да не го издржи снегот што ќе падне претстојнава зима е дополнителен товар за Тошевски. Затоа забрзано работат на локацијата. Во исто време се надеваат дека ќе успеат да ја доведат новата куќа до карабина за да оспособат за живот барем една соба и бања.

Скромни во очекувањата, Тошевски, наидуваат на првично разбирање од пријатели, граѓани и општествено одговорни фирми. Секој може да ги контактира доколку одлучи да донира за набавка на неколку тули, вреќи цемент, за арматура, дрвени штици, греди, ќерамиди, изолација, дограма или слично. Уплатата на средствата може да се направи директно во складот „Драганов“ или преку контакт со таткото и синот Тошевски на нивниот мобилен телефонски број 078/631 676.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.