Ставени темелите на новиот дом на семејството Тошевски во Стари Град, Општина Чашка
Паричните средства во висина од 30 илјади денари што соучениците на Марјан Тошевски ги собраа за неколку дена како и индивидуалните донации на хумани граѓани овозможија да се стават темелите на новиот дом на ова двочлено семејство. Од собраните пари се купени вреќи со цемент, железо и арматура за темелите на куќата коишто Марјан и татко му Стојан ги ископаа. Им помагаат и жители на Стари Град. Со нивна помош е собрана количина на песок и донесена до парцелата за изградба.
Пријателите на ова семејство денеска им покажаа дека не се сами. Сите заедно присуствуваа на верскиот обред со кој се озваничи изградбата на новата куќа. Отецот Звонко Чукниев го благослови домот во изградба.
Марјан и Стојан Тошевски уверени се дека ќе успеат до претстојната зима да постават темели , да ги изѕидаат ѕидовите, да измалтарат, да постават врати и прозорци како и да уредат барем една соба и бања.
-Им благодарам на моите соученици од средно училиште, особено на Мартин Рисафов, со чија несебична и брза помош беа собрани парите. Благодарност и до останатите соученици кои дарувале кој колку што можел за да ми помогнат. Тие освен пари ни донесоа и поголема количина на храна. Искрено многу бев изненаден. Ме трогна нивниот гест. Искрено посакувам сите да ги следи среќа и благосостојба. Но доколку им затреба моја помош им порачувам да сметаат на мене. Големо благодарам и до Авто школа „3 М“ што финансиски ми помогна да станам возач. Јас веќе ја имам и дозволата за возење автомобил, рече Марјан.
Надеж денеска не се заборавени денеска и во зборовите со благодарност на таткото Стојан.
-Со помш на пријатели од Стари Град собравме прва количина на песок. Ни ставија на располагање и мешалици за бетон. Ќе работиме заедно. Тоа е исто така голема помош. Му благодарам и на пастор Филип Иванов кој помогна со парична помош. Исто така и на склад „Драганов“ чиј сопственик ни даде попусти за купениот градежен материјал. Сега ако има уште неколкумина добронамерни луѓе можеби ќе успееме да се спасиме уште оваа зима од студ што го трпевме со години во старата трошне куќарка и од дупките низ кои ни влегуваа змии и смокови од кои немавме мирен сон, додаде Стојан.
На Тошевски сега им се потребни средства за вреќи со цемент од кои би се поставила првата плоча и заедно со железни профили би се подигнале бетонските столбови. Дел од тулите се обезбедени а дел ќе мора да се купат од донации. И за покривот потребна е дрвена граѓа како и керамиди.
Дума.мк пишуваше за ова семејство во ризик и за нехуманите услови за живот во нивната стара куќарка. Ако доброто со добро се враќа, добрите граѓани и општествено одговорни фирми, имаат можност да ја покажат својата добрина. Кој колку може и милува. Со уплата на средствата во складот „Драганов“ или преку контакт со таткото и синот Тошевски на нивниот мобилен телефонски број 078/631 676.