Храна во домот на Тошевски, прва донација што Општина Чашка ја обезбеди преку Црвен Крст

Објавено на 8 јули, 2021 во 18:48

Пакетите со храна пристигнаа во домот на таткото Стојан и синот Марјан Тошевски во село Стари Град. Општина Чашка ги побара од Црвен Крст Велес чии волонтери им ги однесоа на Тошевски во домот. Градоначалникот Горан Стојановски ја прифатил идејата на жителите на населбата Стари Град, на сиромашните и скромни луѓе да им се изгради нов дом.

– Механизацијата што ја поседува општината и јавното комунално претпријатие во Чашка ќе расчистат простор на кој може да се изгради ново живеалиште за Тошевски. Запознат сум со нивниот случај и во наредните 15 дена, во зависност од тоа кога Стојан и Марјан нема да одат да аргатуваат, ќе испратиме механизација за расчистување на земјата за да можеме да ги поставиме темелите на куќата. Потоа ќе ги поттикнеме општествено одговорните фирми да помогнат со градежен материјал. Таткото и синот се многу вредни луѓе. Тие и сами можат да го изградат својот нов дом. Но знам дека ќе им помогнат и жители од населбата Стари Град. Ќе се потрудам да обезбедиме што можеме и да им создадеме похумани услови за живот, рече Стојановски.

Домот во кои сега живеат Тошевски

За изградбата на двете соби и бањата што им се неопходни на Стојан и Марјан ќе им треба  граѓа и ќерамиди. Секако и дограма, врати, прозори како и малку мебел. Скромните Тошевски не бараат повеќе. Сметаат дека е доволно да имаат две безбедни соби, за да не се борат со смокови и змии додека спијат како и покрив што не прокиснува.

На нивниот телефонски број 078/631 676 веќе се јавил и добронамерен маж кој им понудил помош во тули. Друга количина има и во двор на жител на Стари Град. И тој одлучил да им ја подари.

Можеби ќе се јават и добри луѓе што ќе подарат цемент и железо. Ќе им требаат граѓа и ќерамиди за покривот. Потоа ќе се бараат вратите и прозорците. Чекор по чекор вели Градоначалникот Стојановски.

– Доколку вашите текстови ги прочитаат што поголем број на граѓани што ќе сакаат да помогнат, колку што можат, тогаш акцијата за изградба и опремување на новиот дом на Тошевски ќе може да започне порано. Како фирми така и индивидуални граѓани. Тоа би било убав гест. Ќе направиме едно добро дело повеќе. Затоа што станува збор за Стојан и Марјан препознатливи по работливост и скромност во родниот крај, додаде градоначалникот Стојановски.  

Куќата на Тошевски во село Стари Град

Тој смета дека до крајот на есента може да се стигне да се изгради нова куќа за Тошевски. По вчера објавениот текст „Семејството Тошевски од село Стари Град, заборавени и отпишани од сите“ денеска не успеавме да обезбедиме став од Центарот за социјални работи во Велес. Всушност да ги прашаме дали ова двочлено семејство може да добие еднократна социјална помош и зошто досега не добило. Текстот го испративме и до Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Центарот во Велес и министерството во Скопје повторно ќе го бараме и  во утрешниот ден до кога можеби на Тошевски ќе им се јават и други хумани луѓе или општествено одговорни фирми.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.