И покрај акциите на комуналците, во Велес има диви депонии на габаритен и електричен отпад
Околу 200 м3 габаритен отпад од велешани собраа вработените на ЈКП„Дервен“ во последната, продолжена есенска акција којашто наместо седум траеше 21 денови и започна на крајот на месец август. Продолжувањето на акцијата беше поради покажаниот интерес од страна на граѓаните, рекоа од ЈКП „Дервен“.
„Секоја година има голем интерес од страна на граѓаните, особено поради фактот што оваа услуга е бесплатна, а потреба да се исфрли стар мебел или друг вид габаритен отпад од домаќинствата секогаш има,“ одговорија на новинарското прашање на Дума.мк од јавното комунално претпријатие.
„Дервен“, исто така, има востановена практика во акции, секоја година, да го собира освен габаритниот исто така и електронскииот габаритен отпад во кои спаѓаат апаратите фрижидери, електрични шпорети, телевизори и слични стари електронски уреди. За потребите од ситент отпад на граѓаните им се ставени на располагање канти за електронски отпад што ги има на повеќе локации во градот. Но навиките од страна на граѓаните не се менуваат.
„ За жал, во нив, во кантите најчесто се фрла комунален смет од домаќинствата, односно овие канти не се користат наменски поточно за ситен или габаритен односно електронски отпад. Проблем за претпријатието претставува фактот што многу граѓани оставаат габаритен отпад по јавните површини без претходно да договорат термин за собирање со комуналното претпријатие, или го фрлаат во и околу контејнерите за комунален смет без да знаат дека возилата за комунален смет не се предвидени за собирање на габаритен отпад поради тоа што може да се оштетат, па не ретко можеме да видиме и грда слика по улиците на расфрлан габаритен отпад,“ одговори Тодорка Пенкова портпаролка на ЈКП „Дервен“.
Од „Дервен“ повторно упатија апел до граѓаните да не го оставаат габаритниот отпад надвор од домовите без претходно да договорат термин за собирање, на телефонскиот број 043/233-768, во Сектор Комунална хигиена. При тоа ги замолија велешани додека траат акциите за собирање на габаритниот или електронски отпадот да го изнесуваат од своите домови исклучиво на претходно договорениот ден.
И покрај настојувањата на комуналците, на повеќе локации во Велес, особено на двата брега на река Вардар, можат да се видат количини од двата вида на габаритен отпад. Оставените количини создаваат мини депонии кои се грда слика на која реагираат како совесните граѓани така и транзитните туристи чии впечаток е дека граѓаните во Македонија живеат покрај отпад и смет како и дека не посветуваат доволно внимание на заштита на животната средина.
Убавка Јаневска