Има надеж за семејството Тошевски од село Стари Град да влезат во нов дом
Граѓани, граѓански здруженија, фирми како и исселеници во странство им дадоа тронка надеж на таткото Стојан и синот Марјан од село Стари Град, во Општина Чашка, дека возможно е да обезбедат нов покрив над глава. Семејствата Алексоски и Бобевски понудија помош во дограма и градежен материјал. Општина Чашка најави помош со механизацијата со која располага за расчистување на парцелата и поставување на темелите на новиот дом на Тошевски. Здружението на пензионери на Велес исто така покажа интерес за донација во материјали за првата плоча на куќата.
-Како граѓанска организација ќе доделиме донација во градежни материјали за поставување на првата плоча на новиот дом на Тошевски. Таткото и синот заслужуваат живот во похумани услови од оние што ги видовме на фотографиите објавени кај вас. На луѓето треба да им се помогне. И не само ние, веќе пријавените за помош, туку и останатите граѓани што можат да дадат по нешто за да се изгради потребниот дом. Жално е да се остават двајца луѓе да живеат во така лоши услови за живот, рече претседателот Веле Алексоски на Здружението на пензионери на Велес. Неговото семејство ќе донира и дограма што ја има и не ја користи.
Се огласи и македонската дијаспора од Швајцарија.
-Пред 2 август, со пријателот Ердован Етовски ќе дојдеме во Велес. Се надевам дека до тогаш ќе успееме да мотивираме наши сонародници коишто живеат и работат во странство. И да не успееме во оваа намера сепак ние двајцата се договоривме дека ќе помогнеме со донација во изградбата на новиот дом на таткото и синот Тошевски. Одлуката за тоа што им е потребно како помош ќе оставиме да ја соопштат тие, рече Трајче Папазовски исселеник во Австрија.
Откако Авто школата „3 М“ му обезбеди бесплатна обука на Марјан, по прочитаната приказна за нив на Дума.мк, сопственикот му се јавил за да му го плати полагањето и на испитот.
Дума.мк официјално ќе се обрати и до министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска од која ќе побара став за решавање на проблемот на Тошевски.
Убавка Јаневска