Изненадени, озарени и среќни лица на жени, денеска на главните улици во Велес (фото и видео)
Изненадени и среќни беа денеска работничките на ЈКП „Дервен“ од одделите за одржување на хигиена и од подигнување на зеленило и расад, кога тројца преставници на Клубот на млади на Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ ги пресретнуваа на улиците и им врачуваа честитки и рачно изработени ружи. Жените го заслужија вниманието на овие млади кои по одлично завршената работа констатираа дека годинешните подароци завршија во вистински раце. Работничките на ЈКП „Дервен“ ги заслужија рачно изработените честитки и ружи со своето секојдневно чистење од смет на главните улици и грижата како и посветеноста на засадување на цветни аранжмани за поубав изглед на Велес. Искрените чувства и насмеаните лица на работничките како и нивната благодарност ја регистрираше фоторепортерот на Дума.мк, а читателите можат да видат како тоа изгледаше во видео материјалот.
Младите на „Фокус“ заедно со активистите и волонтерите на Младински центар во Велес претходно на неколку работилници го креираа изгледот на осмомартовските честитки а потоа реализираа и работилници на коишто од хартиени салфети изработија ружи што одлучија да ги поделат на велешанки по повод Меѓународниот ден на жената.
Освен денешното подарување најавено е и второ што ќе се случи на 8-ми март, во Велес, но за да биде изненадување младите на „Фокус“ одлучија тоа да го соопштат во текот на утрешниот ден.
Младите упатија јавнa благодарност до ЈКП „Дервен“ за поддршката со организиран превоз и до вработената Тодорка Пенкова која успешно и до крај го чуваше во тајност подготвеното изненадување за овие работничките на велешкото комунално претпријатие.
Стефани Манева