Изваден граничник пред Мало Мовче, граѓаните неможат да се симнат по скалите од паркирани возила
Изваден, оставен и спремен за кражба е граничникот кој ја обезбедуваше пристапноста за качување и за симнување на пешаците на Мало Мовче на источниот брег на река Вардар. Сопственици на автомобили си најдоа доволно голем простор за да се паркираат пред и до поставената скулптура со тоашто го затвораат просторот за движење на граѓаните, особено тие што во пазарните денови со торби или ранци на тркала, го преминуваат мостот кон и од Градски пазар. Дума.мк ја провери оваа граѓанска поплака.
Фотографиите говорат дека велешани со право се жалат на несовеста на одредени возачи коишто ги паркирале возилата на поплочениот дел со бехатон плочки пред Мало Мовче. Вчера простор за движење имаше иако така не било секој ден. Паркираните возила беа на овие позиции и покрај тоа што на недоизградениот паркинг простор, покрај кејот, имаше слободни места. Но тројца возачи, најверојатно несакале да ги наводенат или да ги искашкаат со кал автомобилските гуми па паркирале на бехатон плочките.
Металниот граничник, засега, откорнат и оставен е на поплочената површина. Но до кога таму ќе остане прашање е на кое одговор не можат да дадат совесните велешани.
Убавка Јаневска