Изведувачот на горниот дел на покриениот Градски пазар доцни со градежните работи, ќе плаќа казнени пенали
Преместувањето на столбови од ЕВН од што беше настанато оштетување на колекторот за фекална канализација, кој поминува под пазарот, е само една од повеќето причини за што доцни изведбата на градежните работи на горниот дел на Градски пазар во Велес. Пропусти кај поврзувањето на челичната конструкција според основниот проект, поради високите температури, а по дадени препораки од страна на Влада за забрана за работа на отворено за време на портокалова фаза и поради субјективни причини од страна на изведувачот се исто така причина за доцнењето. Општина Велес не отстапува од роковите и ќе ги примени сите мерки што стојат на располагање согласно договорот за да се наплатат казнени пенали поради задоцнувањето.
-Најдоцна до 15 септември, горниот дел од пазарот треба да биде готов. Постапката за избор на изведувач на долниот дел веќе е завршена, според пропозициите на Светска банка. Договорот со изведувачот на долниот дел од пазарот, „БВ Инженеринг“ од Битола е веќе потпишан”, истакна Коцевски.
Но состојбата на терен не говори дека градежните работи на горниот дел на пазарот ќе завршат според рокот. Доцнењето создава дополнителни проблеми бидејќи ќе мора да започне и изградбата на долниот дел на покриениот пазар. Градоначалникот презентираше план Б.
-Најверојатно наредната недела во работа ќе го воведеме изведувачот на долниот дел од пазарот. Тезгите ќе ги префрлиме на просторот кај Мало мовче додека не се завршат работите на горниот дел со цел да нема застој во продажбата на земјоделски и други производи. Се надевам дека и покрај сите задоцнувања успешно ќе биде реализиран најголемиот капитален проект со сопствени средства во последните 30 години во Велес а тоа е Затворен Градски пазар, додаде Коцевски.
Инаку, изградба на горниот дел за Градскиот пазар чини 34 милиони 696 илјади и 686 денари. Изведувач на работите е Друштво за градежништво трговија и услуги „БАУЕР БГ“ ДОО СКОПЈЕ. На 14 август поточно за осум дена треба да започне монтажата на челичните столбови на градежниот објект.
Убавка Јаневска