Извршена прелиминарна распределба на социјални станови во Свети Николе
Министерството за транспорт и врски денеска изврши прелиминарна распределба на становите во социјалната зграда во Свети Николе. Ќе следи теренска проверка со споредба на веродостојноста на доставената документација и фактичка состојба од страна на Комисијата за станбени прашања.. Потоа ќе се утврди конечната листа на семејства коишто ќе добијат социјален стан во зградата.
На денешната прелиминарна распределба министерот за транспорт и врски Благој Бочваров изјави дека му претставува чест што министерството придонесува за подобар живот на граѓаните и за похумани услови на живот на ранливата категорија на граѓани во овој град.
-Тоа е наша обврска. Среќни граѓани е мотивација повеќе да работиме на подобрување на животниот стандард и подобра иднина за сите. Денеска сме овде, во Свети Николе, да помогнеме исто така на ранливи категории граѓани кои немаат сопствен дом, да пружиме грижа и да им дадеме поддршка, особено во овие тешки времиња кога сите ги чувствуваме последиците од светските кризи”, додаде Бочварски.
Право на учество на јавниот повик за распределба на станови имаа деца без родители или родителска грижа, со навршени 18 години, кои до исполнување на полнолетство биле згрижени во институции за деца без родители, потоа корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, социјално загрозени лица кои се припадници на Ромска заедница како и самохрани родители со малолетни деца.
-Зградата е со вкупно 48 станбени единици со исто толку подруми. Становите се со големина од 35 м2 до 47 м2. Вкупната инвестиција изнесува 84 милиони денари. Објектот се состои од приземје, четири ката и поткровје”, истакна директорот на АД за стопаниување со станбен и деловен простор Зоран Ѓеоргијев.
Министерството за транспорт и врски на настанот во Свети Николе, исто така, соопшти дека во Буџетот на државата за 2023 година предвидени биле 2,2 милиони евра за изградба на нови социјални згради. Годинава, заврши изградбата и беа распределени станови во четири социјални згради поточно во Гостивар, Виница, Пробиштип и Свети Николе.
Стефани Манева